Избрани проектите за „Сценаристичко катче“ на „Браќа Манаки“
Во рамките на „Сценаристичкото катче 2010“ на 31. интернационален фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ избрани се четири проекти, кои ќе учествуваат на дводневната работилница на годинешниот фестивал, на која на најдобрите ќе им бидат доделени и грантови.
Станува збор за: „Илеана“ од Романија, чиј сценарист е Моника Стан, потоа за режисерот и сценарист Саша Дамјановски и неговиот проект „Калабалак“, кој се подготвува како копродукција меѓу Македонија и Велика Британија, за хрватскиот „Терезаз“ на сценаристките Лана Бариќ и Тања Голиќ, која ја потпишува и режијата и македонскиот „Соба со пијано“, по сценарио на Жанина Мирчевска и режија на Игор Иванов.
Целта на „Сценаристичкото катче“ е да ги помогне, промовира и обучува младите филмски автори. Избраните проекти ќе бидат дел од дводневната интензивна работилница за подготвување сценарио, која ќе ја води познатиот доктор за сценарија, Мартин Рабартс („Бингер филм лаб“) од Холандија. А предвидено е да учествуваат и на еднодневната сесија за продукциските аспекти на проектите со Себастијан Делои. Рабартс и Делои беа и во комисијата која одлучуваше за изборот на проектите.
Двајца учесници ќе бидат наградени со прва награда во износ од 1.500 евра, а втората награда е во вредност од 1.000 евра. Наградите ќе бидат доделени на 20 октомври. Инаку, проектот „Сценаристичко катче“ е поддржан од холандската амбасада и од македонскиот Филмски фонд. (С.У.)
|