Омар Соса ќе го отвори Џез-фестивалот
Годинешното издание нуди 12 концерти, кои ќе се одржат во Универзалната сала, Македонската опера и балет и клубот „Хард-рок“
Бојан Шашевски
Овогодинешниот Скопски џез фестивал ќе се одвива во периодот од 21 до 24 октомври, со 12 концертни изданија, кои ќе се одржат на неколку сцени и тоа: во Универзалната сала, Македонската опера и балет и клубот „Хард Рок“. Во рамките четридневниот фестивал предвидени се настапи на музичари од Бразил, Куба, Сад, Белгија, Норвешка, Италија и Нов Зеланд.
Фестивалот ќе го отвори кубанскиот композитор и пијанист Омар Соса, кој ќе настапи на сцената во Универзалната сала. Кубанецот умешно ги соединува џез, етно и електронските влијанија со афрокубанските мотиви, притоа создавајќи оригинален и свеж урбан звук, обоен со латино-џез манири. Неговиот „Afreecanos“ квартет претставува звучен мост на античкото со урбаното, фолклорното и современото. Соса има објавено 18 изданија, добитник е на наградата за животно дело за неговиот придонес кон латино-џезот во Америка, а има и две номинации за наградата на „Би-Би-Си Радио 3“ во категоријата етно музика и три номининации за наградата „Греми“.
Истата вечер на сцената во Универзалната сала ќе се качи и италијанката Марија Пиа де Вито, придружена од група инструменталисти.Таа пред ќе го претстави проектот „Mind the gap“, актуелниот албум од 2009 година, кој вкрстува слободни форми на џез, традиционална европска музика и апстрактна електроника. Иако кариерата ја почнува пеејќи и свирејќи на плектра, перкусии и пијано во најразлични етно групации, Марија од 1980 година е постојан партиципиент во современата џез-сцена.
Полноќното издание на фестивалот ќе започне во клубот „Хард рок“ со Јури Онинг и неговиот џез-рок-грув бенд „Wired Paradise“. Влијателниот холандски саксофонист сублимира џез, рок и денс музика, а во своите сценски импровизации соединува две различни стилски гитари со електроника, бас и тапани. Познато е тврдењето на Јури дека џезот не е стил, туку јазик за комуницирање со модерните времиња. Се појавува на џез-сцената во раните деведесетти, притоа свири и снима со имиња како Пет Метини, Чарл Хејдн, Пол Блеј, Гери Пикок и Пол Моушн. Има настапувано во над 50 земји и објавено речиси 30 изданија.
Вториот ден на Фестивал ќе го донесе Лери Карлтон, еминентниот американски гитарист со богато тридецениско музичко творештво, осумнаесет пати номиниран и три пати освојувач на наградата „Греми“. Меѓу другите, соработувал со Стили Ден, Џони Мичел, Мајкл Џексон, Квинси Џонс, Доли Партон, бил член на „The Crusaders“, а од неодамна го напушти и платинумскиот џез-состав „Fourplay“, со желба да се концентрира на својата соло-кариера. Во Универзалната сала ќе настапи на заедно со Тревис Карлтон на бас и Џин Којл на тапани.
Освен Карлтон, истата фестивалска вечер во салата ќе може да се слушне и бразилски квинтет предводен од Хамилтон де Холанда. Младиот музичар е познат како мајстор на полифоничното свирење со својот инструмент бандолин – десетжичана бразилска мандолина. Оригиналната техника на свирење му овозможи за кратко време да изгради богата кариера исполнета со бројни признанија, а од американските медиуми беше окарактеризиран како „Џими Хендрикс на бандолинот“. Иновативниот репертоар на Холанда потекнува од класичната, џез и бразилската музика.
Клубот „Хард Рок“ на 22 октомври ќе биде домаќин на пејачката од Рио Де Женеиро. Пола Мореленбаум. Бразилката во последниот албум „Telecoteco“ се посветува на босановата, а нејзиниот репертоар го следи периодот од доцните триесетти и раните шеесетти, надоврзан со спој од акустика и електроника. Во периодот од 1984 до 1994 беше дел од групата на Антонио Карлос Жобим, „Nova Banda“, но и во квартетот „Jobim-Morelnbaum“, своевремено изведувајќи вокално-камерна инструментална музика заедно со сопругот Жак. Соработувала и со јапонскиот композиор и клавијатурист Ричи Сакамото, кој е гостит и на нејзиното последно студиско издание.
Следниот ден, 23 октомври во агендата за Универзалната сала е предвиден ансамблот од Белгија, „Flat Earth Society“. Нивната приказна започнува на крајот од минатиот век кога поранешниот архитект, клавијатурист, кларинист, композитор и продуцент Петер Вермеерш, по музичките излети со составите на „Maximalist“ и „X-legged Sally“, почна да собира екипа од талентирани и оригинални музичари, формирајќи импресивен биг-бенд. Четиринаесетте членови носат енормен бран од стилови и атмосфери, авторски аранжмани, адаптации и слободни импровизации, способни да анимираат џез публика, но и помлади рок фанови.
Белгијанците бината ќе ја делат со Патриша Бербер, американска пијанистка со неконвенционален џез-глас и сосема уникатен стил. Инвентивна во своите настапи, Бербер преработува поп-песни, класични рок нумери, изведува сопствен материјал и внесува необичен вокабулар со комплекни текстови, никогаш не подложувајќи се на звучни катагоризации. Кариерата и репутацијата ја градеше низ сцената во Чикаго и притоа низ светот експортираше десеттина албуми.
По Патриша Бергер квартетот, клупската вечер ќе биде резервирана за „The Ethnics“, свежиот музички проект на Кахил Ел’ Забар и Ернест Доукинс, легендарни џезери од Чикаго, САД. Забар, перкусионист и композитор, основач на „Heritage Ensebmle“ и саксофонистот Доукинс, некогашниот лидер на „New Horizons Ensemble“, во „Хард Рок“, меѓу другите, ќе бидат придружени од вокалот на Нора Хендрикс од „La Belle“, но и од трубата на Кори Вилкис. Долгогодишното искуство и енергијата ќе ја преточат во фузијата од фанк, соул, џез и авант-хаус музика.
На 24 октомври, на завршниот ден од најновото издание на Скопскиот џез фестивал, во салонот на Македонската опера и балет ќе биде претставена норвешката вечер, редовна станица на репертоарот на манифестацијата. Овогодишни скандинавски претставници ќе бидат дуото Твегне Сеим и Фроде Халтли, но и Терје Пипдал со седумнаесетчлениот „Bergen Big Band“. Флексибилноста на саксофонистот Сеим и хармоникашот Халтли се темели на истражувањето на разновидните музички форми, преку ерменската фолк песна, па се до слободните импровизации на теми од Гурџиев и Боб Марли. Нивниот деби албумот се нарекува „Yeraz“. Електричниот гитарист Рипдал издава за еминентната дискографска куќа „ECM“, гостува и учествува во бројни прокети, постојано комбинирајќи рок, џез и доза на современа класична музика. Рипдал и инструменталистите од „Bergen Big Bend“ во МОБ пред присутните ќе се претстават со „Crime scene“ - минатогодишниот албум на норвежанецот.
Манифестацијата ќе финишира со џез-панк варијациите на „Aronas“, предводени од новозеланѓанецот Арон Отињон, еден сосема необичен мајстор на пијаното. Освен виртуозното свирење на Отињон, енергичноста на составот е поткрепена со бас и тапани, совршена подлога за лајв денс, џез, панк, соул и „маори“ ритмови.
Почетоците за концертите во Универзалната сала и МОБ се закажани за 20 часот, додека клупските настани ќе започнат на полноќ. Засега, нема официјални детали околу цената на влезниците. |