Елегантен, мистичен и рафиниран роман
Во Домот на културата „Глигор Прличев“ во Охрид , по Куманово, Велес и Семинарот за македонски јазик, беше претставен романот „Дваесет и првиот“ од Томислав Османли, издание на „Блесок“.
На претставувањето, покрај уводниот збор на издавачот Игор Исаковски, за книгата говореше проф д-р Јелена Лужина. Оваа реномирана книжевна критичарка и театролог, за книгата ќе рече: „Што напишал Томислав Османли, за толку да не’ восхити? Најкратко: нешто што во нашава литература не го направил уште никој. Еден вехементен роман за тегобниот дваесет и први век, македонски и светски, ама роман кој не е литераризиран според логиката на книжевниот текст, туку на технолошките стандарди на компјутерските игри.“
Според Венко Андоновски, „Томислав Османли напишал елегантен, мистичен, интелектуално рафиниран, раскошно структуриран роман за потрагата по тајниот премин кон подоброто утре, кон подобрите места, кон вечноста која наликува на митската змија што се храни од својата опашка. Роман што воодушевува и што се чита со едно отворање на кориците.“
Романот на Османли, „Дваесет и првиот“ е годинашен лауреат на наградата „Роман на годината на „Утрински весник“. Македонската читателска јавност покажа големо интересирање за првиот роман на Османли, а учесниците на Семинарот за македонски јазик беа фасцинирани од приказната. Димитар Башевски, кој беше член на жирито за доделување на наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“, смета дека „овој роман ја крева (и) нашата средина, и сите нас, повисоко горе, на рамништето на светот од дваесет и првиот век, век кој додуша не е ни малку лишен од тегобност, свет во кој сите талкаат наваму-натаму, барајќи го центарот, како што во друг контекст вели Елијаде, на’апсолутната реалност‘ во себе“. (Н.П.) |