Број 3388  среда, 22 септември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска








Site Meter

Лихварите да се гонат, а не да се легализираат

Власта не ги консултирала ниту НБМ ниту банкарите при подготовката на законот

Нина Нинеска-Фиданоска
Соња Маџовска

Се лаже Владата ако верува дека со новиот закон за финансиски друштва ќе ги стави под контрола лихварите во земјава и нивното дивеење, односно дека на тој начин ќе го вклопи во некакви законски рамки нивното работење. Тие ќе продолжат да работат на црно, како што функционираа и досега и тешко дека некој ќе успее да ги внесе во институционални рамки и да воведе ред во таа опасна област. Вака дел од експертите, со кои контактираше „Утрински весник“, го коментираат најновиот владин предлог-закон за финансиски друштва, со кој се отвора простор за формирање и функционирање на финансиски субјекти, покрај банките и штедилниците, кои ќе даваат кредити, кредитни картички, а ќе издаваат и финансиски гаранции.

Интересна работа е и тоа што никој од Владата воопшто не ја консултирал Народна банка на Македонија при подготовката на текстот на овој закон, иако досега беше вообичаена практика монетарните власти да бидат прашани за совет при изработката на речиси сите закони од финансиската сфера. Очигледно е дека Владата почна да ја заобиколува централната банка при носењето на вакви важни закони, а уште поочигледен пример за тоа бил Законот за Народна банка, кога на заеднички подготвениот текст, што е одобрен од Европската комисија и од Европската централна банка, Владата тајно си направила нови промени во него, без за тоа да ги информира монетарните власти.

Извори од НБМ за „Утрински весник“, сепак, велат дека во земјава е потребен ваков закон, со кој ќе се регулираат финансиските институции, што не се ни банки ни штедилници. Таков закон требало да биде подготвен одамна и повеќе години стоел на агендата на европски закони, кои мора да ги донесеме. Во централната банка велат дека таква законска регулатива постои во светот, што значи ваков закон не е спорен. За НБМ не е проблематично ни тоа што контролата на тие кредитни друштва нема да биде кај нив, туку кај Министерството за финансии, бидејќи станувало збор за недепозитни институции. Исто така, од монетарната власт објаснуваат дека финансиската сфера не може да е монопол на банките, туку е нормално да има и други учесници во финансискиот систем.

Сепак, за дел од аналитичарите е многу спорно тоа што овие финансиски друштва, кои, патем, ќе се основаат со капитал од само 100.000 евра, ќе бидат контролирани од Владата, односно од Министерството за финансии, а не од НБМ, која ги контролира банките.

Не само централната банка, туку при кроењето на овие закони воопшто не биле консултирани и банкарите. Затоа тие и официјално вчера не сакаа да го коментираат новиот закон. Буквално никој од првите луѓе на големите и на помалите банки во земјава не сакаше да даде изјава за тоа што ќе значи за финансискиот пазар можноста за основање на овие финансиски друштва.

Неофицијално, банкарите коментираат дека воопшто не им е јасна целта што Владата сака да ја постигне со овој закон, ама дека е далеку од тоа дека ќе им бидат некоја сериозна конкуренција. „Основањето финансиски друштва е далеку од создавањето паралелен банкарски систем. Ниту, пак, овие друштва можат да бидат сериозна конкуренција за банките. Збунува мотивот за носењето еден ваков закон. Излегува дека тие полесно ќе даваат кредити, ама како, ако фирмата не даде проект што е исплатлив и кој може да го врати тој кредит. Кај парите нема милост. Што овие друштва ќе направат подобро и полесно во одобрувањето кредити и од каде ќе најдат пари за тоа, кој ќе им даде. Еве и штедилниците ја имаа таа можност, па многу од нив не успеаја и ставија клуч на врата“, коментираат банкарите.

За нив е ноторна глупост дека со овој закон ќе се стави некаква контрола врз лихварското работење. „Лихварството од библијата наваму никој не го искоренил. Тоа дека со овој закон може да се спречи е ноторна глупост. Тие сега земаат по пет отсто месечно камата и имаат ефикасен систем на наплата. Кој од нив би сакал да работи законски, никој. Тие луѓе треба да се гонат“, велат банкарите. Според нив, ова е уште еден маркетиншки потег на Владата, со кој сака да покаже дека се презема нешто за да го реши проблемот со лихвата, која очигледно ја има во сериозни размери.

Иако јавно не се кажува тоа, претпоставка на некои кругови е дека власта се обидува да воведе ред во сивата зона на лихварството во Македонија, кое веќе подолг период зема данок и во човечки жртви. Последната крвава пресметка во која само за неколку минути згаснаа три млади животи во главниот град на државава познавачите ја поврзуваат токму со лихварски нерасчистените односи. Можеби Владата наивно верува дека ако им направи закон на лихварите, ако ги внесе во системот, тогаш полесно ќе ги контролира и ќе се избегнат оружените пресметки во обидите да се наплати лихварскиот долг. Но, експертите се сомневаат дека ќе се искорени лихварството со овој закон.

Мирољуб Шукаров, професор на Универзитетот ЈИЕ, вели дека уште во 2000 година Европската комисија донел�� директива, со која се посочува дека треба да се регулираат кредитните институции, покрај банките и штедилниците. „Тоа е нормално во светот, а не е нешто што нашите го измислиле“, појаснува Шукаров. Според него, носењето на овој закон за финансиски друштва би можело да се доживее како некој вид одземање на ингеренциите на НБМ, но, всушност, не би требало така да се третира. „Централната банка е насочена кон ценовната стабилност на државата. Но, бидејќи овие институции нема да вршат емисија на пари во оптек, туку само прераспределба, НБМ нема што да стравува од зголемување на куповната моќ“, објаснува овој професор. Шукаров додава и дека банките не треба да се плашат од овие кредитни институции, бидејќи тие нема да им бидат конкуренција, односно влијанието врз банкарскиот систем ќе биде маргинално. Сепак, проблем е што банките плаќаат задолжителна резерва на кредитите, а финансиските друштва нема да имаат таква обврска. Овој експерт смета дека нема ништо спорно во овој закон, а, според него, преку овие кредитни институции фирмите и граѓаните ќе добиваат побрзо, полесно и поефикасно кредити, а некогаш можеби и поевтино од банките.

Но, лихварството со овој закон нема да се искорени. „Не мислам дека на овој начин ќе се воведе ред во лихварското работење. Лихварите работат на црно и тој систем така ќе продолжи, иако може малку да се уреди таа област. На пример, некој се коцка во казино и кога ќе му требаат пари за да го плати коцкарскиот долг, лихварот е веднаш тука до него за да му ги даде парите. Тука нема институции, тој нема време на таков начин да ги бара парите“, објаснува Шукаров.

И ексминистерот за финансии, Никола Поповски, смета дека на овој начин лихварството нема да се искорени. „Лихварите не се во рамките на ниеден закон и тој што дава пари ќе продолжи да дава со лихва“, вели овој експерт.

Според него, потребна е огромна претпазливост околу овој закон. „Јас сметам дека супервизијата врз тие финансиски друштва не би требало да се одвојува од НБМ. Ако од централната банка се одземе супервизијата врз кредитните операции на овој вид друштва и таа им се даде на владини органи, тоа би било лошо. Таа регулатива треба да остане во рамките на НБМ, од причина што на пазарот не се потребни неколку регулатори. Ризикот е голем и од аспект што тие институции ќе бидат основани со мал капитал, односно 100.000 евра, колку што изнесува еден станбен кредит“, вели Поповски.

Некои познавачи од опозицијата се сомневаат дека зад ваквиот предлог-закон можеби се кријат намерите на власта „да се легализираат нечии бизниси од редовите на ’фамилијата‘, кои и досега издавале лихварски кредити, со камата од околу 15 отсто, а сега ова се обиди тоа да се стави во законски рамки“.

„Утрински весник“ вчера го праша Министерството за внатрешни работи колку случаи на лихварство биле регистрирани во првото полугодие од годинава и дали има пораст на овој вид криминал, како и дали очекуваат со новиот закон да се воведе ред во таа област, но до затворањето на весникот не добивме ниту еден од бараните одговори.

И на експертите и на банкарите не им е јасно како овие друштва воопшто ќе собираат пари, а потоа така лесно ќе им ги одобруваат на фирмите. Овие друштва нема да смеат да прибираат депозити, што значи дека изворите за финансирање им се стеснети. Според објаснувањето на министерот Ставрески, тие ќе можат да зајмуваат пари и на домашниот пазар и на надворешните пазари од други трговски друштва. Финансиските друштва ќе работат и според Законот за трговски друштва и Законот за облигациони односи.

Проблематично, исто така, е и тоа што овие финансиски друштва ќе можат да бидат основани со влог од само 100 илјади евра, а ќе може да одобруваат кредити, односано да имаат побарувања во десеткратно поголем износ од основачкиот капитал, или во висина од еден милион евра. За аналитичарите проблем е тоа кој ќе ја врши контролата врз нивното работење. Во законот е предвидено овие финансиски друштва отчет за работењето да му полагаат на Министерството за финансии. Тоа значи дека НБМ е исклучена и ќе нема пристап до нивното работење.

„Министерството за финансии врши надзор над работењето на финансиските друштва. Преку вонтеренското следење на работењето на друштвата, со прибирање и анализи на извештаите и на податоците што финансиските друштвата, кои тие ќе ги доставуваат до Министерството за финансии или со непосредна контрола кај друштвото“, стои во законот за финансиски друштва, кој е веќе доставен во Собранието на Македонија.

Во образложението за носењето на овој закон стои дека се очекува да се зголеми понудата и да се олесни пристапот до кредити, што ќе има позитивен ефект врз конкуренцијата, мобилизирањето на

надворешни извори за финансирање на економски развој и зголемување на вработеноста. Ќе има и глоби од 1.000 до 20.000 евра за оние друштва што нема да работат во согласност со законот.

Премиерот задоволен

Премиерот Никола Груевски вчера го оцени како добар предлогот за 100-процентно гарантирање на штедните влогови до 30.000 евра, бидејќи со него ќе се зголеми довербата на граѓаните во банкарскиот систем и ќе овозможи да не се повтори ситуацијата кога во Македонија граѓаните губеа посериозни износи на средства во банките. „Тоа е чекор напред. Ќе ја зголеми вербата на граѓаните во банкарскиот систем, ставањето пари во банки наместо чувањето дома и на некој начин ќе овозможи да не дојде никогаш повторно во Македонија ситуација кога граѓани ќе изгубат посериозни износи на средства во банки“, изјави Груевски.

Тој додаде дека со мерките што ги презема Владата дополнително се бетонира сигурноста на граѓаните при оставање на штедните влогови, бидејќи секој граѓанин што ќе остави штеден влог до 30.000 евра во банка ќе има 100 процентна гаранција од страна на Државниот фонд за осигурување депозити.

Кредити веднаш

Единствено професорот на Европскиот универзитет, Зоран Ивановски, верува дека со законот за финансиски друштва ќе се стави под контрола лихварското работење. Тој вели дека законски ќе мора да работат оние фирми што сега, на пример, посредуваат при кредитирање и имаат огромни реклами, како онаа што е на плоштадот „Македонија“, на која стои „Кредити веднаш“. Овие фирми не даваат директно пари, туку само посредуваат меѓу фирмите. „Се става под законска контрола лихварството, кое особено владее во земјава од 1990 година наваму. Тогаш 90 отсто од бизнисите така ��очнуваа. Сегашната состојба е значително поинаква. Има регулаторни тела што го контролираат финансискиот пазар во земјава. Со овој закон ќе се стават под контрола и оние што сега не се под негова капа. А бенефит ќе имаат и државата, и фирмите, и клиентите“, вели Ивановски.

НБМ се заобиколува

Гувернерот Петар Гошев, не само што не бил консултиран при изработката на законот за финансиски друштва, туку НБМ тоа го доживеала и околу Законот за Народна банка на Македонија.

„Во никој случај не е в ред што Законот за НБМ беше подготвуван заеднички меѓу експерти на централната банка и на Министерството за финансии, заедно со надворешни експерти, а потоа и Европската комисија и Европската централна банка дадоа позитивни сугестии за тој текст на Законот. Но, потоа од медиумите слушнавме дека се направени измени на Законот, без ние да бидеме консултирани, а потоа дури и не можевме да ги добиеме тие измени за да ги погледнеме“, изјави вчера првиот човек на НБМ, гувернерот Петар Гошев за „Утрински весник“.

Нема капацитет

Аналитичарот Ден Дончев смета дека лихварите треба да се гонат законски, а не да се прават обиди тие да се легализираат. Според него, нема институционален капацитет Министерството за финансии да го контролира работењето на овие финансиски друштва врз основа на само два извештаи во текот на годината, кои тие ќе ги доставуваат до ова Министерство. „Лично не сум слушнал дека која било развиена земја во светот има закони што на ваков паушален начин го третираат еден од стратегиските сектори во економијата, банкарството. На прв поглед, јас стравувам дека во отсуство на ригорозни институционални заштитни мерки и контроли овој експеримент може да заврши во легализирано лихварство со пирамидални пропорции“, вели Дончев.

Владата со опстимизам

А токму министерот Ставрески завчера во објаснувањето за тоа што е целта на носењето на законот за финансиски друштва, потенцира дека една од целите е да се уреди работењето на лихварските друштва. „Со овој Предлог-закон ќе стави контрола врз работењето на таканаречените лихварски фирми и на нивните камати. Тие ќе бидат обврзани да работат законски. Каматната политика на овие друштва ќе подлежи на обврските од Законот за облигационите односи, кој ја одредува затезната камата и максималната каматна стапка што е поврзана со неа“, изјави Ставрески.

 


#
Статијата е прочитана 1804 пати.

Испрати коментар

Од: jovan
Датум: 22.09.2010 12:35:48
Lihvarstvoto i reketot se strogo kontrolirani i organizirani od strukturi na MVR. Deka samite sebe oci ke si vadat, tesko.
Од: b
Датум: 22.09.2010 13:13:24
Не ме ни чуди. Добро рече еднаш еденаналитичар: секоја земја има своја мафија, овде мафијата си има своја држава!
Од: do Jovan
Датум: 22.09.2010 15:40:32
Со законот нема себе да си вадат очи, туку законски ќе ја елиминираат конкуренцијата, за да останат сами, а легални.
Од: redovna citatelka
Датум: 22.09.2010 16:54:30
Mizi Asan da ti bajam!
Од: Jakov
Датум: 23.09.2010 05:52:19
Навистина не разбирам од каде потекнува паниката кај сите. Не заборавајте дека се воведува капак (плафон) на лихварските камати кои во моменов не би можеле да ја надминат максималната каматна стапка на банките (сега е 13%). Самиот овој елемент ќе го прави нивното работење “нормално“. Дали авторот што ја правел анализата проверил дека ваквите фирми постојат насекаде на Запад. Во САД дури и имаат значајно учество во издавањето на кредитни картички. Всушност не сме измислиле топла вода, ова е само препис на странски закони. Законот е наменет за тие што работат во сива зона - како оној на плоштад “Кредити Веднаш“ и што легално за залог земаат кола или стан. Лихварите на црно, што не бараат залог (главно по коцкарниците) поради ефикасниот систем за наплата (залог-живот) - никогаш нема да се стават во ред.
Од: ivana
Датум: 23.09.2010 09:07:55
ova e zakon samo za da se isperat teskite milioni narodni pari od skulpturite,spomenicite ,vosocnite figuri,muzei,smizli i drugi opstonarodni dobra za Makedonija da se stavat na ime i prezime na vozaci,obezbeduvaci ,i drugi nivni partiski vojnici da stanat golemi gazdi so nasite pari.

Најди! во Утрински
Насловна
Тиквешански
Озаконето лихварство
Убавиот товар на Саркози
Голата Кајли причина за смеа
Учебници од СФРЈ
Ги слуша ли полицијата апелите на ИВЗ?
Крвава облека ја помати свеченоста во „Идризово“
Пропагандни проекции на Ставрески
Вербална војна меѓу Скопје и Атина
Карикатура
Стил



"""



Contributors to WAZ.EUobserver
Railway joint venture to make train travel in Balkans faster
Ivo Sanader – Croatia's ex-prime minister gone missing