Мислења
Пропагандни проекции на Ставрески
Ден Дончев
Македонската јавност заслужува да има прв човек за финансии на чии проекции ќе може да им се верува
Најавениот оптимизам од министерот за финансии, Зоран Ставрески, за економски раст од 3,5 отсто за 2011 година е ист со оптимизмот на оваа власт, која најавуваше раст од 5,5 отсто за 2009 година. Со напомена дека се работи за истата Влада, за истата национална економија и за слични услови на стопанисување со глобална економија, која с��' уште се наоѓа во ранлива ситуација - се поставува прашањето колку може да се верува во проекциите на Ставрески? Спектакуларните промашувања на проекциите на власта за економските текови од 2008 до 2010 година не даваат голема надеж дека овој пат министерот Ставрески ќе излезе во право.
Ама, за да не се правда власта со изговори дека злобниците им ги матат успешните предвидувања, треба да се потсети дека до април 2009 (непосредно пред првиот од трите ребаланси на буџетот за таа година) Ставрески се држеше на стапка на раст од 5,5, отсто. Реалноста го натера да го смени своето мислење. Уште при првиот ребаланс, Ставрески ја намали својата проекција на еден отсто раст за 2009 година. Кога малку потоа излегоа податоците за пад на бруто домашното производство (БДП) од 1 отсто за првиот квартал од 2009 година, Ставрески помпезно и' соопшти на македонската јавност дека најтешкото е зад нас и дека македонската економија, сепак, ќе оствари раст од еден отсто за 2009 година. Како што е веќе познато, крајниот исход за 2009 година беше пад на БДП од 0,7 отсто.
За Република Македонија би било одлично ако се исполнат проекциите на Ставрески за наредните три години. Ќе имавме среќа ако можевме реално да очекуваме раст далеку повисок од 3,5 отсто, зашто економскиот раст е единствениот начин преку кој ќе може да се решат двата најранливи проблема на македонското општество: невработеноста и сиромаштијата. Но, проблемот на Ставрески е изгубениот кредибилитет и паушалниот третман што го има кога ја објавува најважната проекција. Како може да се верува на проекциите на Ставрески за 2012 и 2103 година (три години однапред), кога тој има промашувања во проекциите на многу пократок рок?
Доколку Ставрески сака да си го врати кредибилитетот што треба реално да го има еден министер за финансии кога најавува проекција за раст на БДП на државата, тој мора да биде далеку потемелен во своето образложение околу претпоставките и причините зошто би се остварил растот. Најавувајќи проектиран раст од 3,5 отсто за 2011 година и 5 отсто раст за 2012 и 2013 година, речиси единствено суштинско нешто што го кажа Ставрески е дека услов за остварување на овие проекции е зајакнување на конкурентноста и зачувување на макроекономската стабилност преку одржување низок и контролиран буџетски дефицит.
Зајакнување на конкурентноста е општ термин што сам по себе ништо не значи. Каде смета Ставрески дека треба да се зајакне конкурентноста, поточно во кои економски сектори и кое би било очекуваното позитивно влијание врз БДП поради оваа зајакнување? Анализата на конкурентноста на земјите во светот покажува дека некои се конкурентни на глобално ниво само во одредени економски сектори. Така, и Република Македонија може да биде конкурентна само во одредени економски сектори. Едноставна анализа на конкурентноста на македонското стопанство, мерено преку извозниот потенцијал на домашните фирми, покажува дека Република Македонија има потенцијал во следните индустрии: металургија и метралопреработувачка, нафтена индустрија, рударство, прехранбена индустрија, вклучувајќи земјоделски производи и пијалаци, тутун, тутунски производи и градежни материјали. Значи, Ставрески не може да зборува за „зајакнување на конкурентноста“ како општ термин. Тој може да зборува за „зајакнување на конкурентноста“ на посочените економски сектори кои се лидери на македонскиот извоз. Во тој случај, редно ќе беше Ставрески да обелодени кои конкретни мерки и чекори ќе бидат преземени од Владата во наредните три години за да се подобри конкурентноста на овие сектори и кои ќе бидат придобивките и резултатите мерени преку очекуваниот придонес за зголемувањето на БДП.
Ставрески, исто така, напоменува дека е неопходно зачувување на макроекономската стабилност преку одржување низок и контролиран буџетски дефицит. Дали за Ставрески ова е гаранција дека Република Македонија ќе постигне висока стапка на економски раст? Фактите покажуваат дека од 2003 до 2009 година, просечната стапка на буџетскиот дефицит изнесуваше 0,65 проценти. Но, и покрај овој низок и контролиран буџетски дефицит, просечната стапка на раст на БДП за овој седумгодишен период изнесуваше 3,6 отсто. Меѓутоа, интересно е дека единствена година која излезе надвор од овој седумгодишен просек на БДП и буџетски дефицит - беше 2009 година. Лани, во услови кога Република Македонија имаше буџетски дефицит од 2,7 проценти (речиси четири пати повисок од седумгодишниот просек) воедно беше и единствената година во која имаше пад на БДП. Во услови кога ��ладата проектира буџетскиот дефицит кој и понатаму треба да остане на ниво од околу 2,5 отсто, се поставува прашањето дали македонската економија ќе има капацитет да расте над седумгодишниот просек, па дури и дали ќе може да се приближи до овој просек, какви што се проекциите на Ставрески за периодот од 2011 до 2013 година?
Аргументот е дека даночната политика на оваа Влада во последните три години значително ги зголеми вкупните даночни приливи во буџетот. Со други зборови, приватниот економски сектор е пооптоварен со плаќање даноци кон државата од кога било во минатото. Секое зголемување на вкупното даночно оптоварување на приватниот сектор неминовно резултира со намалување на средствата што се на располагање на приватниот сектор за обратен капитал и за инвестирање. Намалениот пристап, пак, значи дека се намалува капацитетот на приватниот сектор кон зголемување на реалната економската активност како и инвестиции, кои се единственото нешто што може да придонесе за зголемување на стапката на раст на БДП.
Затоа, редно е Ставрески да излезе и темелно да ги образложи сите причини и параметри врз кои тој ги темели своите проекции за раст на БДП во наредните три години. Македонскиот бизнис-сектор заслужува да знае точно под какви околности се очекува да се движи македонското стопанство, со цел да можат да донесат соодветни бизнис-планови и проекции за нивните фирми. Македонската јавност заслужува да има прв човек за финансии на чии проекции ќе може да им се верува, без разлика дали во одреден момент тие проекции се позитивни или негативни или помалку или повеќе добри.
Економските проекции се првенствено математичка наука и тие се точни доколку се темелат врз реалната ситуација во која се наоѓа македонската економија. Економските проекции во никој случај не треба да бидат пропагандно оружје на власта.
(Авторот е економски аналитичар) |