06.10.2011, 17:44 Поглед
Рампата на Руфи
Александра М. Митевска
Не му тргна мазно работата на новиот министер од ДУИ за локална самоуправа, Невзат Бејта. Запре на првата рампа во општината која најдобро ја познава и што ја раководеше цели четири години, се' додека Руфи Османи, по 12 години политичка апстиненција, не доби желба да се врати во старата канцеларија и да му ја преземе градоначалничката фотелја. Така, „прочуената“ општинска зграда во Гостивар стана тешко достапна тврдина за поранешниот градоначалник, а сегашен министер за локална самоуправа.
А, Бејта, веројатно, очекуваше работите да одат поинаку. Можеби си мислеше дека е едноставна работа да се биде министер за локална самоуправа во Влада која контролира речиси две третини од општините во државата, додека опозициските бастиони се бројат на прсти, па затоа и така амбициозно тргна на средби со сите градоначалници.
Но, тркалата на министерскиот автомобил почнаа да чкрипат на влезот во Гостивар. За Бејта испадна полесна работа да се види со градоначалникот на Тетово, Сади Беџети, иако е кадар на опозициската ДПА, отколку да го одоброволи Османи на пет минути разговор.
Две и пол години по локалните избори, повторно излегоа на сцена анимозитетите меѓу Османи и Бејта, кои пролетта 2009 беа во финалето за градоначалничката функција во Гостивар. Во меѓувреме, Османи формираше и партија со која стартуваше на парламентарните избори годинава.
Долго време по изборите се шушкаше дека двајцата пратеници од таа партија ќе биле логистика на ДУИ во парламентот. Но, според потезите што ги влече Османи во последно време, вклучително со неговиот став за пописот, впечаток е дека неговите политики се разминуваат со тие на владејачката партија од албанскиот блок. |