Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Печатено издание
Политика Македонија Економија Хроника Коментари Свет Култура Спорт Скопје Забава Хороскоп
Коментари
06.10.2011, 17:54

Мислења

Готвачи на туѓи манџи

Огнен Малески

Квалификацијата „мешање во внатрешните работи на земјата“ без исклучок се користи само за упатените критички зборови и оценки

Есента 1998 година со големо внимание ги следев парламентарните избори во Словачка. Не само поради професионалната љубопитност и/или работна обврска (како нерезидентна амбасада во Виена надлежна и за оваа нам блиска и пријателска земја од централна Европа) туку и заради лични причини. Имено, со дваесетина новоименувани амбасадори ја чекавме разврската да видиме кому (по невообичаено долго чекање на термин) ќе му ги предаваме акредитивните писма.

Изборите беа исклучително важни за земјата бидејќи почна забележително да заостанува во евро-атлантските интеграциски процеси. Причината за тоа беше автократскиот стил на владеење на харизматичниот лидер Владимир Мечијар кој директно влијаеше сериозно да бидат нарушени односите со земјите членки на ЕУ и НАТО. Во деновите пред да настапи изборниот молк, во Братислава допатува Хавиер Солана, како личност која идеално ги врзуваше двете клучни организации кон чие полноправно членство се стремеше државата: НАТО и ЕУ (генсек на првата - во заминување и висок претставник на втората - во доаѓање). Посетата заврши со негова прес-конференцијата, на која меѓу другото, без вообичаените дипломатски фрази (и ракавици) директно ќе им порача на словачките граѓани дека доколку на изборите победи партијата на Мечијар, односно доколку тој биде повторно премиер, слободно можат за подолго време да заборават на членството во НАТО и ЕУ. Всушност, Солана отворено го кажа тоа што и другите западни политичари и дипломати го кажуваа, но во традиционалниот манир, што очигледно тешко допираше до обичниот граѓанин.

Изјавата беше примена како вистинска бомба и остро нападната од власта и провладините медиуми како отворено мешање во внатрешните работи на една суверена земја. Но, резултатите од изборите набргу ја турнаа таа приказна во заборав. Коалицијата предводена од Мечијар однесе пирова победа со еден глас повеќе во однос на директниот конкурент Микулаш Ѕуринда и неговата коалиција, но не успеа да најде ниту еден сојузник меѓу помалите партии, па десничарската коалиција формира влада. Нејзин премиер стана Ѕуринда.

Во следните четири години земјата направи неверојатен напредок. Практично во турбо-ритам ги направи клучните реформски промени и ги стигна другите земји-кандидати. Таа и денес важи за една од најуспешните земји (особено на планот на привлекување странски инвестиции) од регионот.

Што се однесува до господинот Мечијар, никој не може да му го избрише историскиот придонес во процесот на осамостојувањето на земјата. Но, како политички лидер, по поразот во 1998 година тој никогаш не успеа да ги повтори успесите од првите години на независноста. Загуби на претседателските избори во 1999 година, а потоа неговата партија редеше неуспеси на изборите што следеа, а на последните што се одржаа во 2010 години не успее да добие ниту едно место во словачкиот парламент.

Иронијата да биде поголема, некаде во 2000 година во единствениот весник на англиски јазик во Словачка беше објавено интервју на две страни во кое некогашната цврста рака на Словачка на долго и на широко убедуваше дека е голем демократ и дека отсекогаш се залагал за членство во ЕУ и НАТО. Грешките од минатото се должат на влијанието на моќните ривали во партијата и кај неговите коалициски партнери, а тој самиот уште поуспешно би ја водел демократската транзиција на земјата. Ниту збор за поранешните критики од Брисел, Вашингтон, Берлин, Лондон итн.

Случката е интересна и поучна од повеќе аспекти, но на неа најчесто се навраќам секогаш кога во медиумите ќе сретнат вест или пак реакција на некоја изјава на странски политичар/дипломат која се третира како мешање во внатрешните работи на државата.

За теорискиот аспект на поимот „немешање во внатрешните работи“ не би говорел многу од разбирливи причини. Во услови на биполарна поделеност и перманетен студен глобален судир, тој посебно беше актуелен меѓу експертите по меѓународно јавно право на поранешна (неврзана) Југославија, кои беа лидери по ова прашање на меѓународен план, меѓу нив и мојот почитуван професор на правниот факултет во Скопје, Петар Манговски. Но, факт е дека, ниту во рамките на Обединетите нации никогаш не се успеа да се дојде до прецизна дефиниција што всушност се подразбира под поимот „мешање во внатрешните работи“. Ако се исклучи забраната на војната/вооружената агресија како средство за наметнување на свои интереси, најдалеку се отиде со согласноста да се прифатат тешките кривичните дејанија суштински сегмент на концептот на (не)мешање во внатрешните работи.

Во такви услови и самата квалификација дека некоја земја или поединец се меша во внатрешните работи на друга земја се' повеќе ја губи специфичната тежина, а од друга страна се' почесто, по разни поводи, ја сретнуваме како составен дел на политичко-дипломатскиот речник, како и во анализите и коментарите во медиумите.

Деновиве кај нас е актуелна изјавата на албанскиот амбасадор Александар Чејку дадена за „Газета Шкипитаре“, во која критички се осврнува на нашите учебници по историја. Проблемот за политичарите на функција, и напоредно на тоа и на дипломатите, е во тоа што правото на искажување сопствено мислење е сведено на тесен приватен круг пријатели, а јавно искажаниот збор е по (непишано) правило официјален став на државните институции на земјата која ја претставуваат.

Инаку, долга е листата на странски политичари и дипломати кои кај нас ставале мирудии во нашата потпршка и за тоа отворено биле обвинети дека го кршат правилото за не-мешање во внатрешните работи на нашата земја. До овој случај последни во низата беа амбасадорите на САД и ЕУ, Рикер и Фуере.

Но, далеку од тоа дека оваа, за жал по малку девалвирана квалификација е карактеристична само за нашата средина. Изминативе денови во соседна Србија особено беше актуелна изјавата на рускиот амбасадор Александар Конузин, кој незадоволен од текот на дискусијата на еден безбедносен форум во Белград на кој и тој учествувал (во контекст на ситуацијата на Косово) предизвика скандал со прашањето: „Има ли Срби во салата?“

Реагирајќи на предлозите до грчката влада во решавањето на кризата поинтензивно да ја користи приватизацијата, премиерот Папандреу во февруари оваа година јавно ја обвини тројката (ЕУ, ММФ и ЕЦБ) за мешање во внатрешните работи на земјата. Во април официјална Будимпешта остро реагираше на критиките од Берлин дека промените на унгарскиот устав и на новините во Законот за медиумите не се во склад со стандардите на Унијата, обвинувајќи ги токму за мешање во внатрешните работи. Но, вистинска поплава на квалификации од овој тип (традиционално) можете да сретнете во обраќањата на одделни шефови на делегации на генералната дебата во ГС на ОН, при што вистински шампиони се Иран, Зимбабве, Венецуела, Куба и тн.

Променетото меѓународно опкружување кое го карактеризира мултиполарноста, членството во одделни меѓународни организации и сојузи, како и бројните меѓународни договори кои раѓаат низа обврски, несомнено бараат и нашиот заеднички однос кон користењето на ова квалификација да биде многу поограничен отколку што тоа по некоја инерција сега се прави, доколку сакаме таа некогаш многу сериозна квалификација воопшто да има некоја своја специфична тежина.

П.С. Интересно е да се забележи дека квалификацијата „мешање во внатрешните работи на земјата“, по правило и без исклучок се користи само за упатените критички зборови и оценки - дури и кога се дадени со добри намери, односно се реално фундирани. Од друга страна, зошто гласните пофалби (вклучувајќи ги и оние дадени од чиста куртоазија или пак свесно, но без никаква врска со реалноста) не претставуваат мешање во внатрешните работи на земјата!? По таа логика лутото, како традиционален зачин во македонската кујна, треба од сега па натаму целосно да го исфрлиме од натамошна употреба.

(Авторот е поранешен дипломат)


Статијата е прочитана 1131 пати.

Испрати коментар



Петте минути на Најдовска
Почит кон првиот претседател
11 Октомври – борбата продолжува!
Рампата на Руфи



jovan, 07.10.2011 00:48:35
Kaj nas nekoj stranski ambasadori pravat raboti sto voopsto ne se vo nivniot status i vazecki po megunarodnata konvencija.No problemot i ne e do tolku sto stavaat mirudii vo nasava mandza,nego uste pogolem problem e, koj gi vika da stavaat mirudii.Ne e nikakva tajna kapacitetot i sposobnosta na nasite politicari.Site znaeme deka se tepaat koj poprv da otide kaj nekoj stranski ambasador(gubernatot)i da ocinkari nesto.Takvite porano odea vo CK i kodosea,sega odat po stranskite ambasadi i tamu kodosat i baraat instrukcii.Ne se krivi samo ambasadorite.Toa e i nivna rabota,da si gi stitat interesite na svojata drzava.Problem e sto toa nekoj ovde im go dozvoluva.Vo SFRJ ne ni znaevme koj se stranski ambasadori.Sega stanaa glavni gubernatori ovde.No toa e toa, SFRJ bese drzava.Ova e ferijalen sojuz,i toa prted stecaj.
cane sokolovski-toronto, 07.10.2011 10:23:17
A koga nasi kolumnisti ostro go kritikuvaat SAD, EU ili drugi Evropski zemji dali toa ne e meshanje vo vnatresnite raboti na tie zemji. I zosto tie ne reagiraat?
do Redakcija, 07.10.2011 12:11:54
Dajte mu edna kolumna na Kosta Stoimenovski, da ne se bruka so blogovite. Chovekot beshe ambasador i sega se mesha so nepismeni luge koi ostavaat besmisleni komentari. Mnogu nisko padnal eden ambasador. Da beshe so povisok moral ne bi pishuval blogovi, i to takvi so pred se navredliva sodrzhina. Zato, bi sakal redakcijata na Dnevnik da zamolam da mu ovozmozhi na ovoj poraneshen diplomat da pishuva vo kolumnite na ovoj vesnik. Taka negovite frustracii ke se sepak namalaat, i nema da mora da se prekupuva so prosti luge koi ovde ostavaat komentari.

„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИЕ

"""

  

 


Site Meter


Најнови вести
Време
Скопје, -2°C

Облачно

Среда
Ведро
Макс: 2°C, Мин: -7°C

Четврток
Делумно облачно
Макс: 2°C, Мин: -5°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Коментари | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Хороскоп |