ПЕЛАГОНИЈА
На Копанки и годинава без скијање, битолчани патуваат за Грција
Жичницата поставена во 1975 со години не е во функција поради дефект на сајлата стара над три децении
БИТОЛА - Трета година едноподруго пропаѓа ски-сезоната на Копанки. И зимава ќе остане пуста најатрактивната локација на Пелистер, каде што илјадници туристи не пропуштаа ниту еден снежен ден. Жичницата поставена во 1975 со години не е во функција поради дефект на сајлата стара над три децении. Нема кој да инвестира и да го врати сјајот на Копанки.
Затоа вљубениците во белите спортови задоволството го бараат на други зимски дестинации во државава, но и во странство. Битолчани се' почесто патуваат 45 километри до Грција, во туристичкиот центар „Вигла Писодери“, Костурско, каде што уживањето во скијањето го плаќаат во евра.
За пропаѓањето на ски-сезоната битолската опозиција прстот го вперува во локалната самоуправа и ја обвинува дека не презела ништо за надминување на состојбите за време на својот мандат. Од Општината се оградуваат од проблемот.
Планинарите од Планинарскиот клуб „Пелистер“, во чие трајно владение е жичницата, предлагаат дислокација на патеката. Решение за проблемот гледаат во инвеститор кој ќе вложи во изградба на нов ски-комплекс на поголема надморска височина.
„Вљубениците во белиот спорт и годинава ќе патуваат за Грција и Пониква, кои се далеку од убавината на Пелистер. Но, некој таму се потрудил да ги направи атрактивни терените и да собира девизи. Сезоната за скијање почнува на 20 декември“, истакна Илија Дупчоновски, советник на СДСМ, обвинувајќи го градоначалникот дека не направил ништо за Пелистер.
Првиот човек на Битола, Владимир Талески, вели дека жичницата не е во надлежност на Општината. „Копанки е богатство кое никако не може да профункционира како што треба. Доколку најдете законска основа да го направиме тоа со пари од буџетот, веднаш ќе го потпишам налогот. Но, знаете дека со децентрализацијата не смееме да вложуваме во капитални инвестиции, туку одиме според програмата што ја имаме на Советот“, изјави Талески. Тој потенцира дека од Владата треба да се бараат пари за обнова на жичницата.
Старата, амортизирана и небезбедна жичница не е единствениот проблем за пропаѓањето на ски-сезоните на Копанки, сметаат планинарите. Стручњаци од Машинскиот факултет во Битола процениле дека сајлата требало да се замени со нова уште пред 13 години. Токму затоа Факултетот не издава сертификат за користење на жичницата и за превоз на луѓе. Проблем претставува и сопственоста на ратракот со кој се рамнеа терените. Од Планинарскиот клуб „Пелистер“ веќе прават проект за преструктурирање на целиот терен.
„Проблемот на Копанки е сложен. Треба да се размислува за дислокација на патеките на повисоки, осојничави места, каде што снегот би се задржал подолго време. Се размислува за нови терени во месностите Орлови Бари и Ловечка Куќа. За изградба на нови комплекси се потребни пари и моќни инвеститори. Клубот нема финансиска можност за промена на состојбата на Копанки“, истакнува Диме Попов, претседател на клубот.
Од Националниот парк „Пелистер“ сметаат дека дислокацијата на ски-терените и жичницата не е едноставна работа. „За да се направи тоа, треба да се добие дозвола за градба. Ние сме дел од тие институции што треба да дадат мислење. Ако плановите се однесуваат за строго заштитена зона, тогаш не може да се гради“, изјави директорот Националниот парк „Пелистер“, Сашо Мицевски.
Скијачката патека на Копанки долга околу километар, а на надморска височина од 1.350 до 1.600 метри, сега е неуредена, обрасната со дрвја и грмушки. Последните години ситуацијата се усложнува и со климатските промени. Снегот на Пелистер не само што го има се' поретко туку и не се задржува долго на овој дел од Баба Планина. (А.Б.) |