ПРИЛЕП - Основните заложби на новиот менаџерски тим на прилепскиот Тутунски комбинат се реорганизација на компанијата во која ќе останат сите 1.200 вработени, отворање нови странски пазари, сукцесивна исплата на кредитите кон комерцијалните банки и на обврските кон доверителите.
По оставката на генералниот директор Тони Димитриовски, новоименуваниот Жарко Христоски најавува продолжување на деловната стратегија за финансиска консолидација на компанијата која се соочува со сериозни финансиски проблеми.
„Акцентот ќе го ставиме на реорганизација на Тутунскиот комбинат. Дел од вработените од холдингот ќе бидат распределени во ДООЕЛ „Тутун“ и ДООЕЛ “Цигари“. Не зборуваме за поделба на комбинатот на два правни субјекта, затоа што тоа е многу чувствително прашање“, изјави Христоски.
Тој тврди дека комбинатот е секогаш атрактивна компанија за странските стратегиски инвеститори од тобако-бизнисот, но вели дека приватизацијата би се реализирала само ако сите вработени останат на работа. Христоски многу надежи има во владините мерки со кои дел од побарувањата ќе се трансформираат во траен влог.
„Очекуваме инструкции од Владата. Имплементацијата на владините мерки, секако, ќе придонесе состојбата во комбинатот значително да се подобри, зашто само по основа на неисплатени придонеси за ПИО долговите се огромни“, нагласи Христоски.
Синдикатот на комбинатот е задоволен со промената на менаџерите, бидејќи пред околу еден месец испрати петиција до владини функционери од кои побара раководството да си поднесе оставка.
„Баравме старите менаџери да заминат, бидејќи наместо да ја санираат финансиската состојба -тие ги зголемија дубиозите. Немаа никакви познавања за тутунот и тутунската индустрија. Од новите менаџери очекуваме брза консолидација на фирмата и заложба за приватизација во која сите вработени ќе ги задржат местата“, вели претседателот на синдикатот, Димитар Ѓорчулески.
На завчерашната седница на Бордот директори освен генералниот директор Тони Димитриоски, оставки поднесоа и тројца неизвршни директори: Маја Малахова, Виктор Мизо и Сашо Дукоски.
Заедно со Димитриоски од комбинатот заминаа и неговите двајца први соработници- Горан Ѓорѓиоски, ексдиректорот на“ Тутун“ и Дарко Златески, заменик генерален директор. Со ова практично се исполнија основните барања на вработените.
Христоски ќе ја извршува функцијата до одржување на редовното годишно собрание, најверојатно во мај. Тогаш Владата можеби ќе именува нов генерален директор и менаџерски тим на комбинатот. Зашто околу 45 отсто акции од капиталот на комбинатот се во рацете на државата. Другите 55 проценти акции ги имаат сегашните вработени и пензионерите. Капиталот е проценет на 25 милиони евра, но според информациите е три пати задолжен со хипотекарни кредити во банките.
Со ДПМНЕ-то,кое го окупира градот Прилеп,нема иднина за самиот него,камо ли,пак,за ТК Прилеп,во кого,така се има чувство,генералниот директор се сменува на неколку месеци.