Одбележано матурирањето на 198 Роми
Сто деведесет и осум средношколци - Роми вчера свечено го одбележаа своето матурирање како дел од проектот за образование на Ромите, потпомогнат од Американската агенција за развој УСАИД и Фондацијата „Институт отворено општество - Македонија“. Проектот на УСАИД за образование на Ромите, кој го имплементира ФИООМ, обезбедува сеопфатна образовна поддршка на младите Роми од предучилишни до високообразовни институции. Матурирањето на Ромите им го честиташе претседателот Бранко Црвенковски, кој оцени дека Македонија во последните неколку години направила голем чекор на полето на образованието. „Ја докажавте вашата определба и подготвеност да го завршите досегашното образование. Лично верувам дека тој мотив и порив кај вас ќе продолжи да ве води понатаму во вашето лично усовршување“, рече претседателот. Но, тој укажа и на реалноста. „Сегашната ситуација во врска со образованието на Ромите покажува дека четвртина од возрасното население од оваа етничка група нема никакво образование, но уште позагрижувачки е фактот што речиси половина од Ромите предвреме го напуштаат основното образование“, рече претседателот пред присутните. Во честитките му се придружи и американскиот амбасадор Филип Рикер, кој рече дека проектот што започнал во 2004 година ќе продолжи до 2011 година. Тој лично се надева дека бројот на матурирани и дипломирани Роми ќе се зголемува. (Ж.Х.З.) |