Шпанци ќе градат ветерници и фабрика во Штипско
Компанијата „Инвал“ од Шпанија е подготвена да изгради 50 ветерници за производство на електрична енергија
Иван Бојаџиски
ШТИП - Шпанската компанија „Инвал“, која во нашава држава има формирано мешовита шпанско-македонска фирма „Виста групација“, е подготвена да изгради 50 ветерници за производство на електрична енергија во Штипско. За да го инсталираат првото поле на ветерници кај нас, Шпанците се одлучиле по полугодишното, завршно мерење на интензитетот и константноста на ветерот во атарот на Лакавичкиот регион. Својата конечна одлука тие му ја претставија на штипскиот градоначалник Панде Сарев.
„Тие се задоволни од резултатите што ги покажале нивните мерни инструменти во полугодишното мерење на ветерот во Лакавичкиот регион во општината. Притоа, потврдија дека овој дел од Македонија е меѓу најповолните локации за производство на еколошки чиста и обновлива енергија. Шпанците се подготвени да склучат договор со општината веднаш откако Република Македонија ќе ги донесе сите прописи што се однесуваат на алтернативните енергетски извори“, изјави градоначалникот Сарев. Тој додаде дека, според најавите, прописите од оваа област ќе бидат готови до крајот на годинава, а ќе се применуваат од почетокот на идната година.
Стеван Пулејковски, кој е на чело на „Виста групација“ во Македонија, потенцира дека во почетокот на 2009 година, тие во Штипско ќе ги изграделе првите педесет ветерници. Секоја од ветерниците ќе има јачина од три мегавати, со што би се добивала електрична енергија од 150 мегавати. Овој потфат компанијата ќе ја чинел од 150 до 200 милиони евра. „Виста групација“ имала став дваесет проценти акции од вкупната инвестиција да ја понудат на заинтересирани компании и поединци.
Според градоначалникот Сарев, „Инвал“, преку својата мешовита фирма во нашава држава, била со намера во Македонија да инвестира во ветерници чиј капацитет би бил производство од 500 мегавати.
Според искажувањето на претставниците на компанијата, нивните намери биле сите ветерници да ги изградат во источниот дел на Македонија, најмногу во овчеполско-штипскиот дел. Ако од Македонија добијат шанса за такво нешто, тогаш „Инвал“ бил подготвен во нашава држава да изгради и фабрика за ветерници која би работела за потребите на ветровитиот Балкан.
Во намера да ги користат големите ресурси на ветерот, да произведуваат електрична енергија и од тоа да профитираат, во последните осумнаесет месеци во Штип дојдоа претставници на единаесет странски компании од шест европски држави. Меѓу нив и една компанија од Шпанија, но тоа не беше „Инвал“, туку „Хаса“.
Во март годинава на разговорите во Штип интересите на „Хаса“ ги застапуваа менаџерот Хосе Луис Кареско, а за оваа компанија лобираше и светски познатиот ракометар и тренер на скопски Вардар, Веселин Вујовиќ. Никој не можеше да даде податоци дали „Инвал“ е, всушност, „Хаса“, зашто токму „Хаса“ тогаш бараше локации за да инсталира свои мерни инструменти.
И во Свети Николе израелско-британска компанија водеше преговори за инсталирање на 150 ветерници во Овчеполието и на Богословец. Имаше подготвеност од компанијата да инвестира милијарда евра за изградба на сончеви колектори во југоисточниот дел на Македонија. Но, досега за ова нема конкретни резултати ниту во Штип ниту во Овчеполието. |