Без склучен договор, ЕЛЕМ и' продава поскапа струја на ЕВН
Законот за енергетика обврзува на купопродажен договор со утврдена цена на електричната енергија
Маја Томиќ
Во самиот старт на примената на новините во Законот за енергетика веќе се појавија проблеми во неговата практична имплементација. Според Законот, ЕЛЕМ директно и' ја продава струјата на „ЕВН Македонија“, за што претходно треба да потпишат меѓусебен договор, во кој ќе бидат содржани количината на испорачаната струја и цената. Тоа се' уште не се случило, а ЕЛЕМ веќе и' испорача на „ЕВН Македонија“ фактура за струјата за септември откако почна да се применува Законот. Од ЕЛЕМ објаснуваат дека во тек се процедурите околу склучување билатерален договор со ЕВН за продажба на струјата, но дека се постапило според претходно мислење на Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ), како и според Законот, и затоа на дистрибутерот му е исплатена фактура за септември. Фактурираната цена за киловат-час изнесува 1,81 денар и тоа е истата цена по која претходно МЕПСО и' ја продаваше струјата на „ЕВН Македонија“.
Според извори на „Утрински“, со ваквото однесување ЕЛЕМ прави класична злоупотреба на монополската позиција што му се дава со Законот за енергетика и упад во работата на РКЕ, на што реагираа Брисел и домашната експертска јавност, како и „ЕВН Македонија“. Не може, од една страна, ЕЛЕМ да го применува Законот и да испорачува фактура за наплата на струјата, а од друга страна, да го прекршува, односно да го прави тоа без склучен договор, коментираат познавачите на состојбите.
Според Законот, делот на загубите на струја по разни основи, кои се поголеми од 11 проценти, ЕЛЕМ ќе и' ги фактурира на „ЕВН Македонија“ по пазарни цени, не по регулирани. Тие моментно се за 3,5 пати повисоки или, ако мегават-час домашна струја чини околу 28 евра, пазарната увозна цена изнесува околу 100 евра за еден мегават-час. Законот уште посочува дека ЕВН не мора струјата да ја купува од ЕЛЕМ, туку може да ја увезува и од други компании, но само ако е таа поевтина од увозната што ќе ја продава ЕЛЕМ.
Од „ЕВН Македонија“ се воздржуваат од коментари за ситуацијата со фактурите на ЕЛЕМ. Велат дека течат преговори во Министерството за економија со претставници на РКЕ и на ЕЛЕМ за да се утврдат причините и да се надмине недоразбирањето.
Инаку, ЕЛЕМ минатиот месец достави барање до РКЕ за зголемување на цената на струј��та што ќе ја продава, од 1,3, на 1,8 денари за киловат-час или за 39 отсто. По ЕЛЕМ, МЕПСО побара зголемување на услугата за пренос за 100 отсто, а „ЕВН Македонија“ повисока цена за 9 отсто. Регулаторите му одобрија на ЕЛЕМ зголемување од 10,5 отсто, но пред да го соопштат тоа официјално, ЕЛЕМ го повлече барањето заради дополнување на документацијата. Се' уште се чека РКЕ да ја соопшти конечната одлука за процентот на поскапување на струјата, што најверојатно ќе се случи кон крајот на месецов, за од ноември да стартува новата цена на електричната енергија. |