Привршува изградбата на атмосферската канализација на „Илинденска“
Досега се изведени 370 метри на потегот од раскрсницата со „Климент Охридски“ до фонтаната „Лотос“
Улицата "Илинденска" личи на вистинско градилиште, а градежните зафати на атмосферската канализација континуирано течат. Моментно се работи на продолжување на краците од левата и десната страна на сообраќајницата. Досега се изведени првите 370 метри од атмосферската мрежа и тоа на потегот од раскрсницата со булеварот "Климент Охридски" до фонтаната "Лотос".
Од Градот велат дека се при крај и работите околу асфалтирањето на коловозот. Иако временските услови не се пречка за изведувањето на работите, надлежните не потенцираат уште колку време ќе се работи. Јасно не кажуваат дали есенва или можеби напролет ќе се засадат нови фиданки за обновување на дрворедите од јасени кои беа исечени. Но, тврдат дека останатите активности врзани за уредувањето на просторот околу "Илинденска" ќе се регулираат со оперативните програми за работа на Град Скопје за наредната.
Вкупната должина на атмосферската канализација, според изведбениот проект, е околу 2.500 метри, а проектот ќе чини 38 милиони денари, средства што ги обезбеди Градот. Работите ги изведува "Енергомонт" - Скопје.
"Се очекува во текот на наредната седмица повторно да се воспостави истиот сообраќаен режим, кој важеше пред започнувањето на работите. Профилот на првата делница е од 1.500 милиметри, поради големиот број спојувања со атмосферските канализации на улиците 'Ленинова' и 'Орце Николов' . Продолжението на атмосферската канализација ќе се реализира со профил 1.000 милиметри", велат од Одделението за односи со јавноста во Градот. (Сн.К.) |