Турските газди на битолската пиварница се бараат со потерница
Газдите се товарат дека затаиле данок од околу 12,5 милиони денари
Битола - Министерството за внатрешни работи распиша интерна и меѓународна потерница за приведување на двајцата турските бизнисмени, сопственикот и директорот на битолската Пиварница, поради сомнение дека затајувале милионски суми данок и воделе двојна документација. И уште двајца вработени, македонски државјани, се осомничени за истите кривични дела, а полицијата од нив ги одзеде нивните патни исправи.
Битолската полиција, по барање на Јавното обвинителство, поднесе кривични пријави против 37-годишниот Хакан Ахтикалмас, турски државјанин, извршен директор за производство и член на Управниот одбор на АД „Пиварница - Битола“, против сопственикот на пиварницата турскиот бизнисмен Ахмет Искендер, како и против битолчаните Славко Јовановски (48), финансиски директор, и главниот магационер 58-годишниот Бранко Поповски. Четворицата се осомничени дека сториле едно кривично дело даночно затајување и две кривични дела фалсификување или уништување деловни книги.
Кривичното гонење на турските бизнисмени следува по неколкумесечната истрага на полицијата во пиварницата, која започна во декември минатата година, кога инспекторите при претрес во деловните простории нашле водена двојна документација за производството на пиво и сокови. Така, споредувајќи ги податоците за продажбата и залихите во магацинот и дозволата за точење на пивото и соковите од точилницата со валидната книговодствена документација, биле констатирани големи разлики во количините на произведените пиво и сокови, со што излегла на виделина и разликата во продадените количества. По ова, инспекторите утврдиле дека осомничените неоданочиле промет од околу 109 милиони денари, а како последица на тоа затаиле данок од добивка во износ од околу 12,5 милиони денари.
,,Токму поради ваквите инкриминирани дејства, истражен судија од Битола им одреди на двајцата турски бизнисмени, кои се со престој во Македонија, мерка притвор во отсуство во траење до 30 дена, додека на нивните помошници им е изречена мерка одземање патни исправи“, изјави Ѓоко Стрезовски, портпарол на СВР - Битола. Неофицијално, полицијата веќе има информации дека сопственикот на пиварницата Искендер се наоѓа во Швајцарија, додека, пак, неговиот извршен директор Ахтикалмас од пред неколку месеци заминал во Турција.
Ова не се првите пријави за матното работење на пиварницата. Пред неколку месеци, кривична пријава за злоупотреба на службата добила и битолската нотарка Веселинка Деребанова - Крстевска. Според полицијата, таа во 2002 година извршила солемнизација на договор за хипотека помеѓу швајцарска фирма „Кенри ГМБХ“ од Базел, како хипотекарен доверител, и „Пиварница - Битола“ како хипотекарен должник, иако знаела дека дел од имотот што бил ставен под хипотека е во државна сопственост. Така, една од фирмите на Искендер се стекнала со хипотекарно право врз туѓ имот. По ова, на битолската Пиварница и' се заканува клуч на врата. Вработените неколку месеци не зеле плата, а на дел од нив со години не им се платени придонесите. (А.Б.) |