Кантар
Сиктер дома пред полноќ!
Агим Јонуз
Како да имаме психофизички здрави деца, среќни и стабилни генерации покрај несреќни, нестабилни и исфрустрирани родители
ТЕМА ПРВА. Се прашувам деновиве дали јас стареам, а не сакам да си признам, или некои работи се навистина зајдени кај младите. Деновиве син ми на излегување го прашувам кога ќе се врати, а тој мене ладно: „кај два, три“! Молам!? А бе, по полноќ старите велат „шејтани шетаат по сокаци“. Така ме учеа мене! Не е дека јас сум заостанат и не е дека јас не сум акал по сокаци како млад (не ака ни син ми навистина, треснав само како пример), ама, ајде ви се молам, каква е таа младост која функционира само по полноќ!? Не знам што да е, ама бог создал ден за ден, ноќ за ноќ! Па, затоа и ја разграничил човечката биолошка функција во смисла на активностите. Каква подготвена младина бараме која спие до пладне, а ноќе е небаре геодетска управа која ги мери улиците. Не, не сум заостанат, тврдам, ама не се согласувам дека е нормално да се излегува во град дури околу единаесет за да се врати дома во време кога петлите со својата песна предупредуваат дека сонцето каде и да е ќе изгрее. Си има и тоа свое место, си има своја убавина, си има моменти, ама тоа кога станува нормално секојдневје! Сепак, изгледа дека стареам.
Каква е законската регулатива во врска со акањето на малолетни лица по полноќ? Дали во Република Македонија постои ред во тој домен? Дали полицијата е слепа и не гледа маса деца буквално со шишето во рака пред Споменикот на Мајка Тереза, по разни скопски ќошиња? Дали полицијата легитимира, прашува, контролира, приведува? Дали органите надлежни за јавен ред и мир имаат евиденција колкава е бројката на малолетници ноќе по нашите булевари, паркови, разни темници и дупки каде што се слуша музика која тресе не централен, туку и вегетативен нервен систем? Контролира ли полицијата дали сомнителните човечиња во полутемниците имаат лични карти. Каде е онаа стара слика кога некој чичко му приоѓа на дете и го прашува „чиј си бе ти“? Некој ќе рече - родителите ги испуштија децата и тоа е апсолутно точно, родителите се најмногу за карање, ама еве, ај да прашам, колку се удира и по родителите? Генерално, родителите на крај ги удира господовата беља кога обично доцна ќе дознаат дека детето има проблем со дрога или алкохол. Јас спаѓам во либералните родители, ама си имам и нешто „старинско“ и затоа сметам дека треба сите кои имаме малолетни деца малку да се прашаме дали е бадијала старата поговорка: кај и да си, околу полноќ дома да си! А ти полицијо „тренирај строгост, ама коректно“!... А за родителите нема да зборувам, секој нека си го знае и варди „својот бостан“.
ТЕМА ВТОРА (болна). Каков ли е психолошкиот пресек на младо, се' уште неоформено биолошко суштество кое живее, расте и е опкружено од свет на постари лузери? Каков е пресек - ментумот на детето кое Интернетот го информира и полни со податоци, кое стечаецот или го храни или го облекува (не може двете), на кое државата „бош“ му ветува, а тоа во своите гради носи невина младост? Децата соочени со диспропорцијата на две реални стварности наречени потреба (не луксуз) и стварност, можност уште од мали нозе да влегуваат во светот на фрустрацијата, на комплексот, на свесноста дека се далеку од векот во кој живеат. Тоа им создава хоризонт на предизвици кои не тие самите, не нивните родители, туку никој не може да ги „опраи“! Ете ти: алкохол, дрога, деликвенција, проституција, насилство. Не постои полоша работа од вкоренувањето уште од мали нозе на филингот на лузер, на филингот на „бијафра мен“, на филингот на отпад од современата дваесет и првовековна цивилизација. Колку е оваа држава „социјална“ во однос на децата, во смисла да амортизира немаштија, да амортизира родителска неможност, да организира нешто „на државна сметка“, за да може и „фукарата“ млада да земе воздух? Ееее, во она едноумие кое го колнат (без намера да го фалам, ама изнесувам факти), секое дете имаше шанса да види Ичиќи, Бечиќи... или „барем“ Охрид!
Нејсе, не ми е тоа тема на муабетот, ама сакам да кажам дека суштината е во социопатологијата која консеквентно се појавува во моменти кога можностите се силно обратно пропорционални на потребите. Преболна е темата дете, а јас не сакам да звучам тука дека родителите се вакви или такви, само сакам да кажам дека жалосно е дете да расте во информатички свет во кој во ист момент додека на компјутерот дознава кој е последниот модел патики во светот, откога ќе го исклучи се соочува со податокот дека неговите се полуискинати, купени за илјадарка на Зелено пазарче. Тоа фрустрира! Примерот со патиките е банален до ниво на глупост, знам, а истовремено ќе се согласам со поентата дека треба да се знае дека „секогаш има и бетер“, ама мене зборот ми е дека денешната „дечурлаана“ расте со квантум и интензитет на нови информации кои зреат многу порано отколку ние кои сме биле деца. Мојата генерација од шеесеттите едвај чекаше да дојде петок за да купи (еден купи - тројца читаат) „Политикин забавник“, за да прошараат по умот нешто ново и интересно. Каде отиде светот? Во тоа време ниту д-р Спок од „Ѕвездени патеки“ немаше мобилен телефон, ни Интернет! Боже, колку сме биле (резимирам) неинформирани.
П.С. Стареам (галиба)! Се обидувам да им влезам во филмот на децава, ама, јок! Не кукумјавчам јас тука заради тоа што некои деца имаат, а некои немаат, тоа било и ќе биде (башка по светов има многу бетер), туку некако ми се стега грлото кога ќе помислам дека е жалосно дваесет и првиот век, времето кое минува со турбобрзина во технологијата и индустријата, едноставно да минува покрај децата, а тие да бидат задоволни со тоа што зеле една шише „големо ’Скопско‘ у пластика“ и да го „цуцлаат у круг“ прераскажувајќи што виделе на Интернет. А, стварноста пред нив е „Скопско у пластика“. Мислите не сакаат и не знаат поинаку? НЕМААТ ПОИНАКУ!
Истовремено, политиката на државата кон младите се сведува на некакви проекти во кои како и да свртиш, ако немаш некој денар, пак си аут. Се' е врзано за пари. Размислувам деновиве, државата повикува на зголемување на наталитетот и раѓање повеќе деца. Убаво (чесен збор) и за почит! АРНО АМА, државата не кажува каква е формулата за потоа. Не е само да го родиш, туку треба и да го израснеш? Ќе го родиш, ама денес ако мислиш да правиш деца, а да не ги школуваш, да не ги запишеш на англиски, да не ги облечеш, да не ги напоиш и нахраниш, да не ги носиш на разни курсеви и триста други работи за да го одржиш детето во елементарен едукативен филм наречен мелница на дваесет и првиот век - тогаш не прави го! Па, нека ми прости бог ако грешам! Та, и куче да е, ако мислиш да го врзеш во дворот, а да не го гледаш како што треба, поголем грев е, отколку да го оставиш на аманет. Правилата на новото време наметнуваат нови погледи во однос на децата во својот кревок детски период. Дали и колку (а, сигурно да) затаивме ние родителите со својата должност да бидеме што е можно повеќе со децата и да ги контролираме нештата. Дали можеби не е се' во парите? Многу прашања се отворени и секојдневно се отвораат. Дали и како сакаме да имаме психофизички здрави деца, генерации среќни и стабилни покрај несреќни, нестабилни, исфрустрирани родители. Кого прво да го исправаме? Милион прашања се отворени. Јас не сум умен да дадам одговор, а вие? Јас својот став секако не го менувам, во сите комбинации пред полноќ - СИКТЕР ДОМА! („Неки нови клинци“ - Ѓ. Балашевиќ)
(Авторот е аналитичар/колумнист)
[email protected] |