Почина Шабан Бајрамовиќ
Кралот на ромската музика Шабан Бајрамовиќ почина вчера околу пладне во кардиолошката клиника во Ниш откако утрото беше примен во болницата поради инфаркт.
Бајрамовиќ е роден во Ниш на 16 април 1936 година, а својата прва плоча ја снимил во 1964 година. Неговата кариера ја одбележаа 20 албуми и околу 50 синглови, а има напишано и компонирано над 700 песни. Повеќе од 20 години беше на чело на составот „Црна мамба“, а по лична покана на Нехру и Индира Ганди настапуваше и во Индија, каде што и официјално беше прогласен за крал на ромската музика.
Покрај музиката, се занимаваше и со филм, а зад себе има остварено повеќе помали улоги во неколку филма, како што се „Џипси меџик“ на Столе Попов, „Црна мачка, бел мачор“ на Емир Кустурица...
Бајрамовиќ неодамна се пожали на слабо здравје и тежок живот, како и на тоа дека по 40 години пеење, нема никакви посети ниту пријатели. |