Хитлер имал чуден вкус
Скулптури од уметници, како што се Едвин Шарф и Карл Кнапе, беа откопани пред берлинското собрание
Единаесет скулптури наречени „дегенеративни“ и конфискувани од нацистите вчера беа презентирани во Берлин, седум децении откако се претпоставуваше дека се загубени во Втората светска војна. Скулптури од уметници, како што се Едвин Шарф и Карл Кнапе, беа откопани пред берлинското собрание за време на ископувањата за изградба на подземна железница. Откако беа подложени на сеопфатно чистење делата ќе бидат изложени во берлинскиот музеј „Нојес“. „Археологијата, како што гледате, секогаш знае да направи по некое изненадување“, изјави д-р Херман Парцинген, претседател на фондацијата „Пруска култура“, која управува со берлинските културни институции.
Повторно откриените скулптури беа меѓу 20.000 уметнички дела, кои беа наречени „дегенеративни“ и „негермански“, запленети од нацистите и од 1937 година, па наваму, беа презентирани на турнеи. На изложбата наречена „Дегенеративна уметност“ посетителите беа охрабрувани да се смеат на, во голема мера, експресионистичките и модернистичките уметнички дела. Значително поголем број дела беа конфискувани отколку што може да се презентираат на изложбата, иако нацистите ги осудуваа во јавноста, сепак, немаа проблеми да им ги продаваат на странски колекционери.
Во јануари минатата година беше откопан невообичаен метален предмет додека се расчистуваше местото за железничка линија. Музејски експерти го идентификуваа делото како биста на актерката Ани Мевес од Едвин Шарф. Тоа се сметаше за единствено откритие, додека не почна од пепелта и од остатоците од военото време да се појавуваат и други дела: „Девојката што стои“ од Ото Баум, „Танчар“ од Марг Мол и „Хагар“ од Карл Кнапе. „Откривањето на оваа уметност, оцрнета како дегенеративна од страна на нацистите, укажува на најтемниот период од германската историја, во која Берлин имаше особена одговорност“, вели градоначалникот Клаус Воверајт. (Ајриш тајм)
|