Обновливите извори на енергија го загрозуваат бизнисот на концерните
Големите петролејски концерни заработуваат многу, а преориентацијата би ги загрозила
Независното здружение „Еуросолар“ веќе 20 години се бори за целосна замена на струјата од атомски централи, јаглен и гас со енергија од обновливи извори. Таму се свесни дека против себе имаат моќни противници - големите концерни со најдобри врски со политиката.
„Можеме да констатираме дека дистрибутерите на конвенционална енергија повеќе од еден век, не само во Германија, се тесно поврзани со владите, кои играат според нивна свирка - делумно затоа што добиваат пари од нив, делумно и оти од научници- енергетичари, кои во голем дел се платени од енергетското стопанство, се наговорени дека нема алтернатива за денешната енергетска понуда“ , вели Херман Шеер, веќе 28 години социјалдемократски пратеник во Бундестагот.
Како последица се зависноста на цели национални економии од нафтата, гасот, јагленот и атомските централи, споровите и војните за природните резерви е се' поголемиот страв од секнување на тие извори. Големите енергетски концерни заработуваат многу пари, а преориентацијата кон обновливите енергии би го загрозило, дури и би го уништило деловниот модел на петролејските концерни. Како ќе се стеснуваат ресурсите, така ќе растат трошоците за нафта и за гас, а со масовно производство ќе се намалуваат трошоците за соларна техника. Малите постројки можат да заменат многу големи централи. Крајно време е за брз премин, оти сонцето и ветрот ставаат бесплатно на располагање повеќе енергија, отколку што му е потребна на човештвото.
„Огромниот потенцијал, кој на планетава дневно и' испорачува 15 илјади пати повеќе енергија, отколку дневната потрошувачка од атомски и фосилни енергии, може да биде искористен со технологијата што веќе денес ја имаме. Теоретски, можеме преку ноќ да извршиме смена на изворите на енергија“, нагласува Херман Шеер. (Дојче веле) |