Струјата поскапува за 16 отсто, за сиромашните социјални пакети
Сите други граѓани се во паника како ќе ја преживеат зимата откако и парното поскапе за 60 отсто
Нина Нинеска - Фиданоска
Струјата дефинитивно поскапува, најверојатно за околу 16 проценти. И премиерот Никола Груевски деновиве ја потврди оваа информација, тврдејќи дека власта веќе не можела да ја одржи сегашната цена и правдајќи го најновиот струен удар со фактот што електричната енергија поскапела во речиси сите европски држави. И додека граѓаните се во грч како да го преживеат ова ново, којзнае кое по ред поскапување, власта најавува дека подготвува социјални пакети за најсиромашните, со кои барем малку ќе се ублажи нивната неповолна состојба. Според министерот за економија Фатмир Бесими, тие би стартувале од идната година.
Регулаторната комисија за процентот на поскапување треба да „пресече“ најдоцна до крајот на овој месец, а зголемувањето ќе се пресметува со октомвриските сметки.
Во изјавата за медиумите Груевски изрази сигурност дека новата цена на електричната енергија ќе биде многу пониска од онаа што реално би требало да важи на пазарот. „Одиме со доста помало поскапување од она што веројатно би требало да биде, и од она што го спречувавме цели овие две години. Ние ќе одиме и понатаму со субвенции, со покривање на оној дел што би требало да го плаќаат граѓаните и компаниите, со цел да се заштити стандардот на граѓаните“, рече Груевски. Според него, барањето од ЕЛЕМ за поскапување на струјата е оправдано и неизбежно. „Над две години ја субвенциониравме струјата со средства од буџетот и покривавме загуби во тој дел. Максимално го издржавме и притисокот од меѓународните институции кои бараа да се покачи цената. Сите држави од регионот и од Европа ја покачија цената за најмалку 30 - 40 проценти, а некои и до 60 проценти. Поскапувањето кај нас не би требало да биде ни приближно толкаво, туку ќе биде од 15 до 16 проценти“, изјави премиерот.
Како поткрепа на неговиот став Владата излезе и со детални податоци преземени од ЕУРОСТАТ, за растот на цените за периодот 2006 - 2008 година во регионот. Според овие показатели, покачувањето кумулативно изнесува: Грција 35,5 отсто, Бугарија 33,3 проценти, Словенија 40,1 отсто, Австрија 51,5 проценти, Италија 50,9 отсто, Германија 38,1 отсто, Чешка 38,1 проценти, Словачка 43,6 проценти, Полска 37 отсто, Унгарија 60 проценти, Естонија 32,7 отсто и Литванија 40,7 проценти.
Она што на граѓаните и на компаниите би требало да им послужи како мала утеха е изјавата на Груевски дека по ова поскапување, подолг период потоа немало да има нови корекции. Премиерот не очекува дека покачувањето ќе има сериозно влијание на инфлацијата.
Владата и натаму ќе продолжи да ги покрива загубите од увозот на струја, чија цена е се' повисока. „Увезената струја е се поскапа и ние ќе продолжиме веројатно подолг период да ги покриваме загубите во тој дел. Многу малку држави го прават тоа“, објасни Груевски.
Засега само во фаза на најава се социјалните пакети, кои би требало да стартуваат од идната година. Тие конкретно не се одредени, но се знае дека треба да важат за граѓаните кои примаат социјална помош. Имено, за нив се планира да се овозможи да плаќаат поевтина струја, но само до одредена потрошена количина. „Се размислува и на дело за т.н. социјални пакети за населението, посебно за тие што се социјални случаи, односно за социјално загрозените семејства“, изјави министерот Фатмир Бесими на неодамнешниот брифинг. Овој проект е во фаза на анализирање и е во рамки на социјалните програми во земјава. Инаку, вакви пакети се најавуваат уште од 2004 година, но досега не се преточија во практика. Најголем проблем е како да се утврди бројот на социјално загрозени семејства.
Според Бесими, енергетскиот сектор ќе биде еден од идните приоритети на овој ресор, каде што е неопходно да се зголемат и подобрат постојните капацитети и да се развијат нови.
Според одделни пресметки, доколку цената на струјата порасне за 16 проценти, тоа би значело дополнителен трошок за граѓаните и за малиот бизнис од околу 30 милиони евра на годишно ниво.
За граѓаните не е потребен коментар колку многу ќе ги погоди новото поскапување. Тие се во паника како ќе ја преживеат претстојната зима, во услови кога парното веќе поскапе за 60 проценти, цената на дрвата се зголеми за 12 отсто, а сега ќе плаќаат и поскапа струја.
Бизнис-заедницата најави дека оваа недела ќе излезе пред надлежните со свои предлози, преку кои би се барало решение за компаниите, особено за малите фирми кои ќе бидат засегнати со поскапувањето. Со оглед што струјата учествува во речиси сите производи, нема да биде избегнато поскапување и на многу од нив. Кај големите фирми потрошувачи нема да се одрази новата цена, бидејќи од јануари годинава, со либерализација на енергетскиот пазар, тие веќе работат на скапа струја од регионот.
Според експертите, најавата за корекција на цената доаѓа во период во кој многу бавно се реализираат инвестициите во енергетскиот сектор. Дел од стручната јавност тврди дека поскапувањето може да се оправда само ако екстра-парите од граѓаните се вложат во производните капацитети. Повисоката цена ќе ги принуди граѓаните да штедат струја.
Инаку, државните електрани ЕЛЕМ побараа поскапување на струјата за 38 отсто, во петокот минатата недела, како „честитка“ пред празникот на независноста. Тие барањето го правдаат со нерентабилното работење на компанијата и неможноста да инвестира во нови капацитети. |