Хрватска со енергетска стратегија за следната деценија
Загреб - Доколку Хрватска за 12 години не ги зголеми постојните производни капацитети на електрична енергија кои изнесуваат 4.000 мегавати, односно ако до крајот на идната деценија не почне да произведува дополнителни 3.500 мегавати струја, ќе стане „тежок зависник“ од увоз, се наведува во заклучокот на новата енергетска стратегија на земјата објавена во Загреб.
Хрватска за 12 години би требало да оствари просечно намалување на потрошувачката на струја од девет отсто, а од обновливите извори на енергија ќе се добива 19 проценти струја. Употребата на биогоривата во вкупната потрошувачка на горива за моторни возила ќе се зголеми на околу 10 отсто, се наведува во студијата. Во енергетската стратегија на земјата се наведува дека Хрватска сега увозува 23 отсто електрична енергија, 40 проценти гас и 80 отсто нафта и нафтени деривати. Стратегијата предвидува поттикнување масовна изградба на сопствени производни капацитети, како и примарно штедење на енергенсот.
Што се однесува до местото на изградба на терминалот за природен гас, кој е најзначајна инвестиција и енергетски објект во земјата, во студијата е предложена локација на островот Крк. Конечната одлука за местото на изградба на терминалот би требало да се донесе до крајот на годината.
Се проценува дека изградбата на терминалот за природен гас ќе чини 700 милиони до милијарда евра. Објектот се очекува да биде завршен до 2014 година. (МИА) |