Приведена опозицијата во Белорусија
По претседателските избори, ситуацијата во Белорусија се вжештува. Лукашенко зборува за „бандитизмот“ на опозицијата
МИНСК - Најмалку седуммина изборни кандидати и стотици демонстранти на опозицијата вчера беа приведени откако полицијата презеде поостри мерки за протестот против реизборот на претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко. По ноќта на безредија во центарот на Минск, во кои учествуваа специјални полициски сили и илјадници демонстранти, Централната изборна комисија во раните утрински часови прогласи дека Лукашенко, кој се наоѓа на власт од 1994 година, освоил речиси 80 отсто од гласовите.
Партиите на опозицијата истакнуваат дека приврзаниците на 56-годишниот поранешен директор на фарма во советската држава, го лажирале неговиот реизбор при пребројувањето на гласовите, како што направија и во 2006 година. Во официјалното соопштение од Министерството за внатрешни работи, полицијата го оправда дејствувањето истакнувајќи дека демонстрантите се обиделе да ја заземат главната зграда на владата.
Шефот на ЕУ за надворешни работи, Кетрин Ештон, го критикуваше насилството и ги повика властите да ги ослободат уапсените, пренесувајќи слични коментари од Полска. „Кетрин Ештон ја осудува употребата на насилство по вчерашните претседателски избори во Белорусија, особено тепањето и затворањето на неколку опозициски лидери, меѓу кои и неколку претседателски кандидати. Таа ги повикува властите веднаш да ги ослободат уапсените“, се наведува во соопштението од нејзиниот кабинет.
Со пресудата што би можела да има импликации за идните односи на Белорусија со Запад и со ЕУ, меѓународните посматрачи остро го критикуваа пребројувањето на изборните гласови како „погрешно“, а полициската акција како „насилничка“. „Овие избори не и' обезбедија нов старт на Белорусија, како што и' е потребно“, изјави Тони Лојд, шеф на краткорочната посматрачка мисија на ОБСЕ на конференција за печат.
Белорускиот претседател Александар Лукашенко ја поздрави полицијата, бидејќи застанала против „варваризмот и уништувањето“ откако опозицијата протестираше против неговиот реизбор за четврти мандат. Тој го осуди „бандитизмот“ на опозицијата и изјави на прес-конференцијата што беше пренесувана преку телевизијата: „Во Белорусија ќе нема револуција или криминал“.
Берлин, исто така, ја изрази својата загриженост во врска со гласањето. „Германија е многу загрижена. Многу работи покажуваат дека не ги исполнува меѓународните стандарди за слободни и фер избори“, изјави портпаролот Штефан Зајбер на редовен брифинг за новинарите.
Сепак, паралелната посматрачка мисија од Заедницата на независни држави, предводена од Русија, даде позитивно мислење за изборите. „Мисијата не утврди какви било факти што ја доведуваат во сомневање легитимноста на изборите“, изјави за новинарите шефот на мисијата, Сергеј Лебедев. Тој рече дека полицијата дејствувала коректно и законски. Во неделата ноќта околу 10.000 луѓе маршираа низ главниот град, покриен со снег, извикувајќи „Надвор!“, „Да живее Белорусија!“ и други слогани против Лукашенко, што претставува еден од најзначајните предизвици за неговото 16-годишно владеење со железна тупаница.
Лидерот на опозицијата, Владимир Некљајев, беше претепан од полицијата, која пукаше во воздух за да растера колона приврзаници, кои се обидуваа да се приклучат кон главниот протест. Неговата сопруга рече дека тој подоцна бил земен од полицијата од болнички кревет каде што закрепнувал од повреди на главата. Официјален претставник од канцеларијата на јавниот обвинител изјави дека некои од лидерите на протестот би можеле да бидат обвинети за организирање масовни безредија и би можеле да се соочат со казна затвор до 15 години. Претставник на опозицијата изјави пред демонстрантите на плоштадот „Октомври“ дека, според неофицијалните анкети на опозицијата спроведени веднаш по гласањето, Лукашенко освоил само 30,7 отсто гласови наспроти 18 отсто, колку што освоил Некљајев. Тој побара втор круг гласање. Помошник на националистичкиот кандидат, Григориј Костусев, рече дека 53-годишниот политичар бил запрен во својот автомобил и уапсен. (Ројтерс)
|