Три пратенички фотелји со само 2,5 илјади гласа

Први забелешки: просечна доверба во кандидатите, нееднаква вредност на гласот
Катица Чангова
Иселениците освоија три пратенички фотелји во Собранието на Македонија со само 2.579 гласа. Ова се резултати од вонредните парламентарни избори на кои за првпат избираше и дијаспората меѓу 19 кандидати од 11 пол��тички партии. Довербата во кандидатите е просечна, одѕивот низок, а гласот во Македонија и во странство нема еднаква вредност, беа првичните оцени на партиите и на „Мост“. Луксузот наречен дијаспора, според некои анализи, ќе чини колку изборот на 27 пратеници во земјава.
Сите тројца избрани нашинци од дијаспората се кандидати на ВМРО-ДПМНЕ. На Милорад Мики Додевски од Австралија за мандат му беа доволни 548 освоени гласа, на Павле Саздов од Америка 560, додека Ристо Манчев од Европа стана член на парламентот со 1.578 гласа.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека победата на нивните кандидати во дијаспората е убедлива. „Единствено, ВМРО-ДПМНЕ 20 години упорно работеше со македонската дијаспора и беше единствената политичка партија што 20 години имаше свои задгранични комитети и во Европа, и во Австралија, и во Америка“, рече Илија Димовски.
Во трите избирачки места во Австралија Додевски ја обезбеди победата од гласачите во Мелбурн, кои му дадоа поддршка од 441 глас. Тројцата противкандидати поминаа катастрофално, Неда Ѓореска од СДСМ со само 18 гласа, Ицо Најдовски од Достоинство - 13 гласа, а Трајче Гулевски од Обединети за Македонија - 12 гласа. „Деветката“ регистрираше само 798 гласачи, а на избиралиштата излегле 600 нашинци.
„Најмалку очекував дека во Австралија ќе се донесе африканскиот начин на гласање. Изборите се нелегитимни и предвреме наместени од страна на МНР, амбасадата, конзулатот, а во соработка со МПЦ. Гласачите претежно беа над 60 години, а доаѓаа со автобуси организирани од ДПМНЕ и од свештениците“, обвини Ицо Најдовски-Перин, пратенички кандидат на Достоинство. Тој рече дека немало исаф во местењето, а дека добиените гласови биле за Гинис. „Во Канбера добив 1 глас, а анонимниот Милорад Додевски дури 101“, коментира Најдовски. За него, најголем проблем било тоа што 150 души, уредно регистрирани преку амбасадата и конзулатот, дошле на гласање, но не можеле да се најдат на Избирачкиот список.
Во Седмата изборна европска единица, од 4.591 регистриран иселеник, својот глас во 28 дипломатско-конзуларни претставништва места за осумте кандидати го дале 54 проценти или 2.494 избирачи. Кандидатот на ДУИ, Исмаил Белули, освои 426 гласа, а Заим Билали, кого го номинираше СДСМ, ја доби довербата на 207 иселеници. Во „седумката“ имаше најмногу неважечки ливчиња, 90.
Педесет и четири проценти е излезноста на дијаспората во Америка, или гласале 994 од евидентирани 1.824. Победникот Павле Саздов добил најголем број гласови – 192 во Торонто и во Њујорк - 136. За Крсте Блажески од Социјалдемократската унија гласале 242 нашинци, или 24 проценти.
За опозицискиот СДСМ, нискиот одѕив и изборот на тројцата пратеници со просечна доверба од две илјади гласа значи девалвација на нивниот легитимитет, реагираше Гордан Георгиев. „ВМРО-ДПМНЕ го злоупотреби правото на гласање на македонските државјани што живеат во странство. Сите три пратеници од дијаспората се избрани со вкупно 2,5 илјади гласа, за разлика од изборните единици во Македонија каде што за избор на еден пратеник во просек се потребни најмалку 8.000 гласа“, рече Георгиев.
Обединети за Македонија најави дека ќе го оспори гласањето на дијаспората, кое го оценија како фарса.
„Решението за гласање во ДКП се покажа несоодветно зашто го доведе во прашање правото на еднаков пристап до гласачкото место, како и поради нееднаквата вредност на гласот во Македонија и во странство што е резултат на непропорционалноста на изборните единици и различниот изборен систем во РМ и во странство“, посочи извршниот директор на „Мост“, Дарко Алексов.
Лидерот на Националната демократска преродба, Руфи Османи, оцени дека печалбарите - Албанци излегоа како двојни губитници. „Изборите не се одржаа во периодот кога тие престојуваат во родниот крај, а ниту имаа можност да гласаат онаму каде што привремено живеат. Од ова произлезе Албанците да изгубат тројца пратеници во дијаспората и петмина пратеници во земјава“, подвлекува Османи. |