Изборите фер, но со поплаки за нерегуларности
Жаклина Ѓорѓевиќ
Изборите поминаа фер и демократски, е генералната оцена на партиите и на невладините организации што ги следеа изборите, но, сепак, и едните и другите вчера посочија на низа нерегуларности во текот на кампањата и за време на гласањето. ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека до Државната изборна комисија доставиле претставки за низа нерегуларности, главно, жалејќи се на сликање на гласачките лив��иња и агитирање на гласачките места.
Од спротивниот табор предводен од СДСМ велат дека ги признаваат резултатите и не се очекува да поднесат поплаки до ДИК. Рокот за тоа истекува до денеска до 19 часот.
Официјално, до ДИК, до вчера до 15 часот не стигнале приговори за нерегуларности, со исклучок, како што велат, „на известувањето од ВМРО-ДПМНЕ“. Неправилности во текот на гласањето се регистрирани и во невладината „Мост“, чии набљудувачи најчесто виделе семејно и групно гласање, но и низа други нерегуларности. На адресата на Народниот правобранител пристигнале околу 90-ина поплаки, а луѓето најчесто се жалеле на тоа дека ги немало во списоците за гласање. Но, прекршувања немало само на гласачките места, туку и од страна на медиумите. Советот за радиодифузија вчера објави дека ќе поднесе неколку прекршочни пријави за телевизии што го прекршиле изборниот молк. Во текот на вчерашниот ден пристигнуваа разни информации за изборни нерегуларности, а една од нив се однесуваше за сомневање за случај на „бугарски воз“ во Велес, каде што е најдено гласачко ливче зад параван на едно од гласачките места.
ВМРО-ДПМНЕ жали на нерегуларности на повеќе избирачки места во Кавадарци, Велес, Дојран, Богданци, Неготино, Струга и во Струмица.
Забелешки за изборниот процес има и лидерот на Националната демократска преродба, Руфи Османи, кој ги оцени изборите како демократски, но додаде дека имало притисок врз гласачите, уцени, лажни ветувања и купување гласови. „Мост“ вчера излезе со прелиминарна оцена дека изборите поминале во мирна атмосфера и со голема излезеност на граѓаните. Невладината констатира дека за првпат избирачките одбори во неколку наврати покажале совесност и со соодветна реакција спречиле одредени нерегуларности да се претворат во масовна појава.
„Набљудувачите најчесто известуваа за неправилности од типот семејно и групно гласање, нарушување на тајноста на гласањето преку сликање на гласачките ливчиња со мобилни телефони и евидентирање на гласачите, пропусти при употребата на УВЕ-ламбата и на УВЕ-спрејот. Информациите од теренот укажуваат и на поткуп, како и на агитација врз гласачите“, изјави Дарко Алексов од „Мост“ на вчерашната прес-конференција. Според „Мост“ изборната кампања почнала предвреме поради минималните казни, а велат дека загрижува фактот на непостапување по ваквите прекршувања од страна на ДИК. Во текот на кампањата биле евидентни и политичката поларизираност, масовното присуство на малолетници на митинзите, како и говорот на омраза, иако главните политички актери потпишаа Кодекс за фер и демократско однесување.
Во Канцеларијата на народниот правобранител имало 90-ина телефонски јавувања, главно, за неможноста да го најдат своето избирачко место, но и за притисоци, закани и заплашувања. Сите случаи се пријавени во ДИК. Советот за радиодифузија вчера соопшти дека повеле прекршочни пријави против четири телевизии, А1, ТВ Сонце, МТВ 1 и МТВ - Собраниски канал поради прекршување на изборниот молк. |