Албанците останаа покуси за четири мандати

Од кои причини албанскиот камп падна на 25 пратенички места од 29
Светлана Унковска
Малиот одѕив и поголемата конкуренција во албанскиот блок се сметаат за основни причини зошто во овој парламентарен состав Албанците ќе имаат помалку четири пратенички места. Ако во претходниот собраниски мандат партиите на Албан��ите имаа 29 пратенички места, според првичните резултати, во идниот состав на законодавниот дом ќе седат 25 пратеници од три партии - ДУИ - 15, ДПА - 8 и НДП - два. Партијата на Имер Селмани доживеа дебакл на првите парламентарни избори на кои учествуваше, односно не освои ниту едно пратеничко место.
На вчерашниот прв ден по изборите ДУИ ја славеше освоената победа и покрај послабиот резултат од претходно. ДПА, пак, го заврши изборниот процес задоволна што, како што изјави нејзиниот лидер Мендух Тачи, се легитимирала како единствена опозициска партија на Албанците. Но, Тачи вчера призна дека направиле катастрофална грешка што не се обединиле со помалите партии во коалиција, бидејќи така би биле победници, ако се има предвид дека опозицијата во албанскиот камп има освоено 121 илјада гласа наспроти ДУИ со 114 илјади. Според него, помалите партии на Османи и на Селмани немаат никаква политичка иднина.
Политичките аналитичари се согласуваат дека слабиот одѕив на гласачите Албанци, особено во Шестата изборна единица, е една од најголемите причини поради кои албанскиот електорат во овој собраниски мандат ќе има помал број претставници во споредба со партиите од македонскиот камп.
„Покрај слабата излезност на гласачкото тело, големо влијание имаше и расцепканоста на гласовите на четирите политички партии на Албанците. Мислам дека доколку трите опозициски партии направеа предизборна коалиција, резултатите ќе беа сосема поинакви, а со тоа и победникот на овие избори“, се согласува професорот Сефер Тахири со констатацијата на Тачи. Според него, дополнително негативно влијание имало и тоа што партиите настапиле со програми што, главно, биле несфатливи за граѓаните, како со концептот на нетериторијална федерализација на Османи или, пак, она што го нуди новиот договор на Тачи. Дополнително и незадоволството во однос на ДУИ придонесе за тоа голем број од албанскиот електорат во неделата да не излезе на гласање.
Партијата на Руфи Османи, која се најавуваше како најголемо изненадување на овие избори, со освоените две пратенички места не ги исполни очекувањата. Со оглед на фактот што партијата беше формирана краток период пред изборите во оваа трка се чини дека влегоа сосема неподготвени.
„Неговиот резултат е поради недоволно звучни имиња на листите, а Османи, сам по себе, не беше доволен за поголеми резултати. Истовремено тој имаше и лабава кампања и не успеа во толку краток период да изгради силна инфраструктура. Со тоа се впушти во хазардерска трка со намера дека ете незадоволните граѓани ќе се приклонат кон таа опција и ќе гласаат за него“, оценува политичкиот аналитичар Љуљзим Хазири. Тој оценува и дека по дебаклот членството на Нова демократија ќе се врати во старото јато на ДПА, со што партијата на Тачи ќе се зацврсти. Сјајот на Имер Селмани, се чини, кратко траеше, откако на претседателските избори се промовираше како македонски Обама и освои околу 150 илјади гласа.
„Мислам дека таа партија, како што се формираше брзо и со помош на разни политички центри во државата, така брзо и ќе замине од политичката сцена како маргинален субјект затоа што за малите нема место. Руфи има шанса на еден поправен испит, а тоа, веројатно, ќе биде на следните локални избори, а дотогаш ќе има време добро да се подготви и да се реорганизира“, вели професорот Тахири. |