Број 3599  вторник, 07 јуни 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон
Онлајн вести

Насловна








Site Meter
Политика

Изборите со највисока оценка досега

ОДИХР, сепак, има снимки за фамозните списоци и забелешки за еднаквоста на власта и државата во кампањата

Тамара Грнчароска


Предвремените избори поминале транспарентно, конкурентно и биле добро спроведени, иако одредени аспекти заслужуваат дополнително внимание. Вакви се прелиминарните заклучоци на странските монитори на ОДИХР, на Парламентарното собрание на ОБСЕ и на Парламентарното собрание на Советот на Европа, објавени вчера, во кои се наведува дека гласачите можеле слободно да ја изразат својата волја на денот на гласањето, во мирна атмосфера иако постоеле одредени „неодговорни тврдења за нерегуларности од политичките партии“. И пребројувањето на гласовите според мониторите било позитивно во девет од десет мониторирани случаи, т.е. оценето добро или многу добро во 97 проценти од набљудуваните места.

Оценката на Европската комисија за изборите е дека постоела политичка зрелост и фер однесување од страна на политичките субјекти. Ставот е дека тоа има големо влијание за европската иднина на Македонија, но, сепак, Брисел ќе ги причека конечните изборни резултати од ДИК и тогаш поопширно ќе се произнесе за кампањата, така и за денот на изборите. ЕК го поздрави и големиот одѕив на гласачите.

ОДИХР во извештајот изразува загриженост во поглед на непристрасноста на медиумите, промените на Изборниот законик непосредно пред изборите, прецизноста на гласачките списоци, но и околу недоволна одвоеност на владејачката партија од државата во кампањата.

Првичниот извештај на меѓународните монитори наведува дека биле регистрирани случаи на заплашувања на јавната администрација во време на предизборниот период, но и злоупотреба на државните ресурси. Шефот на мониторинг-мисијата на ОДИХР, Џулијан Пил Јеитс, за заплашувањето на администрацијата рече дека „такви наводи лесно се покренуваат, но тешко се докажуваат“. ОБСЕ/ОДИХР во извештајот наведуваат дека поседуваат две електронски пораки од кои може да се види дека еден партиски активист на ВМРО-ДПМНЕ поставувал барања до локалните градоначалници и до директорите на училиштата, во период пред закажување на изборите, да обезбедат списоци со одреден број гласачи кои сигурно би гласале за партијата на власт. Мониторите поседуваат и копии од таквите списоци со имињата што биле барани.

ОДИХР наведува во извештајот дека кампањата на ВМРО-ДПМНЕ не обезбедила доволна одвоеност на партијата од државата, што е спротивно на документот на ОБСЕ од Копенхаген. Како пример се наведува писмениот повик на премиерот до директорите на државните институции за гарантирање на слободата на изборите, во кој користи фрази како што се „нападите од нашите политички конкуренти“ и „секој неоснован напад од страна на опозицијата“. ОДИХР го наведува и случајот кога министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, ги повлекла кривичните досиеја на некои од овластените претставници на СДСМ кои требало да го набљудуваат гласачкиот процес и тие информации ги доставила до ДИК, со барање истите лица да не бидат овластени за тоа. За мониторите е дискутабилно толкувањето на ВМРО-ДПМНЕ на делот од Изборниот закон со кој се предвидува сите службени лица од МВР и одбрана веднаш да ги прекинат службените активности штом бидат избрани за кандидати за пратеници, што според нив не важело за министрите, бидејќи тие се членови на Владата, а не вработени во министерствата со кои раководат.

Шефот на набљудувачката мисија на ОДИХР за изборите, презентирајќи ги наводите на своите над 300 монитори, рече дека ниеден изборен процес не треба да се гледа црно-бело, туку сите се во една нијанса на сивата боја. „Така и го калибриравме овој извештај, во нијанса на сивата“, изјави Јеитс.

Жан-Шарл Гардето од Парламентарното собрание на Советот на Европа, честитајќи им на граѓаните на земјава за изразување на нивната волја на слободни избори, рече дека изборен процес не е само денот на изборите, туку и изборното законодавство. „Тоа не треба да се менува на два месеца пред изборите, особено ако опозицијата го одбива тоа“, рече Гардето. Според мониторите, иако Законикот обезбедува солидна техничка основа за фер избори, доколку се почитува, остануваат некои недоречености во него. Гардето изрази загриженост и за избирачките списоци, кои иако се подобрени, се' уште не се совршени. „Потребно е уште работа, напорите се одлични, но не се доволни“, рече тој.

Медиумите обезбедиле широк опсег на информираност, сметаат мониторите, со заклучок дека тие, а особено телевизиите, ги следеле сопствените политички уредувачки политики, во поддршка на една или на друга партија. „Во едно демократско општество треба да бидат потолерантни и понеутрални и да избегнуваат да служат како пропагандна алатка на бизнис-секторот, политичките партии и на Владата“, рече Гардето. Според ОДИХР, МТВ1, спротивно на законската обв��ска и јавниот мандат, покажала наклонетост кон власта и силна критика за опозицијата. А1 позитивно известувала за опозицијата, а критички за власта, за разлика од Канал 5 и Сител. Телевизија Телма е оценета со поизбалансиран пристап во известувањето.

ОДИХР немал време за дијаспората

Шефот на мониторинг-мисијата на ОДИХР, Џулија Пил Јеитс, на прашањето дали и зошто не е мониторирано гласањето на дијаспората, одговори дека тоа било брзо воведено во изборниот Законик и мисијата немала доволно време да се подготви и да го следи. „Од клучна важност е фактот на целосната еднаквост, како меѓународен стандард, и ова гласање имаше големо влијание во тој поглед“, рече Јеитс, додавајќи дека финалниот извештај на ОДИХР за два месеца ќе ги содржи препораките за понатамошно подобрување на изборниот процес. (Т.Г.)

 


#
Статијата е прочитана 655 пати.

Испрати коментар

Од: Боре
Датум: 07.06.2011 08:56:51
Уценетите и застрашените граѓани гласаа на ‘фер и демократски‘ избори.

Најди! во Утрински
Политика
Лисици уште првиот ден - уапсен Љубе Бошкоски
Три пратенички фотелји со само 2,5 илјади гласа
СДСМ се остри за уште пожестока битка
Големите ги „прегазија“ малите на изборите
Манасиевски го напушта кормилото на ЛДП
Албанците останаа покуси за четири мандати
МВР ги оцени изборите како најдобри досега
Изборите фер, но со поплаки за нерегуларности
Албанците изборни кралеви

"""