„Дејли телеграф“
Ратко Младиќ го предал Караџиќ
Изворите во германското разузнавање велат дека Младиќ прави се' што може за да избегне судење во Хаг
Лондон - Поранешниот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ, е пронајден и уапсен благодарение на откритијата што ги дал поранешниот генерал Ратко Младиќ, командант на војската на Република Српска, во настојување да се испазари за себе, доколку им се предаде на властите, открива „Дејли телеграф“, кој за ваквото свое тврдење се повикува на извори во германската разузнавачка служба БНД во Берлин.
Според сознанијата што на лондонскиот весник му ги обезбедиле „извори во БНД“, Младиќ преговарал за условите под кои би се согласил на предавање, па во рамките на преговарањата за да се спасува себеси, ја соопштил и информацијата за тоа каде е и како изгледа сега Караџиќ.
Но, изгледа дека тоа ќе му се одмазди на Младиќ, најблискиот и најверниот соработник на Караџиќ, затоа што сега, по неговото апсење, уште повеќе е зголемен притисокот врз Србија да се најде и да се уапси „српскиот генерал од Босна“, обвинет за масакрот на недолжните муслимани во Сребреница, пишува весникот.
Изворите во германското разузнавање велат дека Младиќ прави се' што може за да избегне судење во Хаг, настојувајќи да му се суди пред домашен суд, каков што е судот за воени злосторства во Белград, создаден во 2004 година.
Весникот пишува дека Младиќ ги дал информациите за Караџиќ уште пред неколку месеци, па затоа се очекувало фаќањето на Младиќ да биде извршено порано и пред апсењето на Караџиќ. (МИА)
|