Повеќе време за пишување рецепти отколку за преглед
На матичните лекари им се подготвува нова администрација да издаваат печатени рецепти со име и цена на лекот Бирократските процедури кои на матичните лекари им ги наметнува Фондот за здравствено осигурување можат да се зголемат. Така, тие на пациентите ќе треба да им издаваат рецепти со отпечатено генеричко име на лекот и со неговата цена. Матичните лекари се против оваа административна новина. Тие сметаат дека печатењето на рецептите за нив не само што ќе биде материјално оптоварување, туку ќе немаат време за преглед на пациентите.
„Ако досега барем половина од времето за преглед беше потрошено на пациентот, сега од предвидените 20 минути дали ќе останат само пет минути за болниот“, реагираат матичните лекари. И досегашната администрација е обемна од водење евиденција во здравствениот картон до издавање рецепти и фискални сметки, а не пак со новините, велат лекарите.
Против оваа новина се и Лекарската и Фармацевтската комора, како и Сојузот на потрошувачите на Македонија, од каде што сметаат дека на овој начин лекарите не само што дополнително ќе се оптоварат со нова администрација, туку се отвораат можности и за манипулации и злоупотреби на рецептите. Во крајна линија, рецептите се работа на пациентите и на Фондот, и тука нема што да се мешаат лекарите, велат во коморите. Нивниот став за печатените рецепти бил доставен и до Фондот за здравствено осигурување.
Во Фондот не сакаат многу да коментираат чија е идејата матичните лекари да мора на пациентите да им издаваат отпечатени рецепти. Неофицијално, од Фондот велат дека печатените рецепти не е по нивна иницијатива, туку дека таа потекнала од Министерството за здравство, но дека нема никаков писмен предлог, туку усно им било препорачано.
Од Министерството за здравство вчера немаше кој да ни одговори на ова прашање. Министерот за здравство, Имер Селмани, не беше достапен за коментар, но добро упатени извори тврдат дека печатените рецепти воопшто не се идеја на Министерството за здравство, туку на Фондот за здравство. (Ј.Ј.)
|