Мислења
Светот на новата филантропија
Лабина Митевска
Локалната филантропија е далеку од организирана, оформена, фокусирана и ни најмалку не е слична на најновите светски трендови
Филантропијата е една од најжешките теми за која се дискутира во денешниот свет. Светот во кој живееме ние, овој денешниов, и во кој ќе живеат идните генерации, има се' повеќе милионери и мултимилијардери, какви што досега не сме познавале. Во светот во кој живееле нашите родители и нивните претходни генерации, се разбира, имало огромни богатства и многу богати луѓе, но тоа не било ни најмалку слично на она што постои денес. Во денешниов свет на моменти се' е толку претерано и предимензионирано што станува перверзно и контроверзно, така што е подобро да не се примаат такви информации. Колку повеќе војни има во светот, толку повеќе има профитери од тие војни. Колку подлабоки стануваат џебовите на илјадниците богаташи, толку се зголемуваат кризите за храна, бројот на гладните и несреќните луѓе. Колку што ненормално скокаат цените на нафтата, железото, илјадниците богаташи ги тријат рацете и бројат нови нули на своите банкарски сметки. Во исто време, осумдесет проценти од населението во светот не знаат како ќе го преживеат следниот ден. Навистина светот е полн со противречности.
Интересна и противречна е и состојбата со филантропијата и однесувањето на оние што имаат огромни богатства. Секогаш било отворено прашањето што прават тие со своите богатства. Колку и да им се потребни за нив за еден човеков век, за нивните наследници и за следните неколку генерации, богатствата кои ги поседуваат овие не голем број луѓе во светот се толку големи што навистина се поставува прашањето што прават со тие пари и дали тие огромни богатства би можеле да му помогнат на овој свет. Неодамна читав една статија која ми даде една пооптимистичка слика и насока кон која може да се движи светот.
Во статијата се зборуваше за новите трендови на филантропија, за една нова појава која, зависно од која перспектива се проучува, сепак, може да биде нешто кое дефинитивно ќе посочи нови насоки во развојот на светот и на човештвото. Во овој свет денешен, како никогаш досега, буквално се' зависи само и единствено од банкнотите во оптек. Колку ги имаш и каде ги даваш е единственото мото кај најбогатите луѓе на денешнината. Предводник и основоположник на овој нов тренд во филантропијата е Бил Гејтс. Како најголема сензација беше проследена сторијата на почетокот на јули кога дефинитивно Бил Гејтс го напушти „Мајкрософт“ и го зазеде своето ново работно место, влегувајќи во трите нови канцеларии на својата фондација. Неговата фондација е дефинитивно најбогата и најмоќна. Но, она што е интересно, е посочувањето дека и Рокфелер бил најбогатиот човек на светот, но она што го направи Бил Гејтс заедно со донацијата на господинот Ворен Бафет е сосема едно ново размислување во однос на намената на личното богатство. Се создава една нова генерација млади богаташи кои загрижено размислуваат за светот. Кои сфаќаат дека навистина со своите пари можат да ги менуваат работите и да придонесат за подобро утре на овој свет. Станува збор за милијардери кои се' повеќе и поангажирано ги посматраат кризите во светот, болестите, гладувањата, убиствата, војните, климатските промени, неразвиените земји и сфаќаат дека со нивните пари и богатства конкретно можат веднаш да менуваат работи. За тоа најдобро зборува самиот факт дека со огромните вложувања од фондацијата на Гејтс во вакцини против маларија и други превентивни мерки полека, но сигурно за некоја година оваа болест ќе се избрише од мапата на Африка и од планетата. Зарем тоа не е охрабрувачки факт за светот во кој живееме.
Свесна сум дека можеби за нас овде, тој факт многу не значи, многу не зборува, но самата помисла дека илјадници и илјадници мажи, жени и деца секоја година во Африка умирале од оваа болест, кажува за големината на проектот. За конкретноста на нивните акции. За дејствувањето директно на она што сега, во моментот е најакутно. И што е најважно, давањето една нова насока - богатите да размислуваат на сиромашните. И тоа на ваков, поинаков начин, со сочувство, со разбирање, па дури и со гнев против мизеријата на сиромашните. Тоа никогаш не го имало во светот. Богатите се богателе и уживале во своите богатства, а за сиромашните кои секогаш ги експлоатирале и на нивни грб се богателе, воопшто и не размислувале. Таков бил светот даден од бога, создаден од човекот, така било отсекогаш и тоа секогаш порано било прифаќано како непроменлив факт. Сега доаѓа едно ново време. Живееме во свет кој пред нас, од многу аспекти и на сите континенти, се распаѓа и панично вреска. Ни требаа многу години за да го забележиме тоа, и сега се чини дека е малку доцна за да се поправат работите. Но, она што радува е токму овој нов тренд на филантропија, нов тренд на давање, на помагање, на несебично инвестирање на планетава.
Кај нас најактивен и најдарежлив од овие светски милијардери беше Џорџ Сорос, кој преку својата фондација овозможи илјадници млади луѓе да добијат приклучок со најновите знаења во светските центри, го помагаше развојот на независните медиуми, помагаше развојот на ромската заедница и другите маргинализирани групи, а го помага континуирано развојот на граѓанско општество во оваа земја.
Локалната филантропија е далеку од организирана, оформена, фокусирана и ни најмалку не е слична на најновите светски трендови, кога фондациите што се формираат надминуваат состојби носат општествени промени, го сосечуваат проблемот во коренот, а не нудат само краткотрајни утешни закрпи. И од аспект на тоа колку од своето поделиле, ретки се оние кои навистина многу даваат. Нема да спомнувам имиња, но точно се знае кој навистина многу дава, а кои само потфрлаат помалку. Огромниот број се активни со дарување во своето село, даваат како ќе им текне, без програма и без крајна цел. На крајот на краиштата, ова е нашата прва генерација богати. Можеби веќе следната генерација ќе има суштинска определба да сподели, да помогне, не поединци, туку општествени промени, ќе почне да се бори за порамноправен и поубав свет. Некакви ’ртулци веќе се наѕира��т и иако примери нема многу, сепак, и тоа е доволно за надеж. Сигурно и кај нас ќе дојде време кога ќе се формираат фондации, ќе се здружат средства, ќе се изградат училишта, болници, лабаратории, ќе се формираат стипендиски линии, ќе се води фокусирана битка за подобро и посправедливо утре.
(Авторката е актерка и продуцентка) |