Унковски со премиера во престижниот Епидаурус
На 1 и 2 август познатата „Орест“ на Еврипид ќе се изведе во Античкиот театар во Епидаурус пред 14 илјади гледачи
Најпопуларната драма на Еврипид, длабоко политичката „Орест“ која во режија на Слободан Унковски минатата недела Националниот театар на Северна Грција ја изведе во Солун, на 1 и 2 август ќе има премиера на престижниот фестивал во Античкиот театар во Епидаурус. Како што е познато, Епидаурус, со над четиридецениска традиција, е врвно место за презентирање на античката грчка драма и е еден од најголемите амфитеатри со места за 14 илјади гледачи, а Унковски е еден од ретките режисери од странство кои воопшто работеле премиера за овој фестивал. И тоа, работата во Солун, а сега и во Епидаурус, доаѓа во чувствително време кога македонско-грчките односи со проблемот околу името на Македонија се во фаза на кулминација.
Досега, за фестивалот кој секое лето се одржува во раскошниот амбиент на античкиот амфитеатар Епидаурус, работеле само четворица врвни светски режисери: Питер Штајн, Волфганг Лангхоф, Питер Хол и Андреј Сербан. Оваа година честа да работат премиера во Епидаурус им припадна токму на Слободан Унковски и на рускиот режисер Анатолиј Васиљев. Ангажманот на Унковски во Солун всушност, доаѓа на покана на уметничкиот директор на театарот, Никитас Цакироглу, по успехот на Унковски со претходните две претстави на грчки јазик - „Четвртата сестра“ на Гловацки и „Кралот Лир“ на Шекспир, работени во Националниот театар во Атина. „Четвртата сестра“ доби седум награди на ревијата „Атинорама“ како најдобра претстава во сезоната во Атина. „После овие две претстави, честопати се јавуваше како идеја соработката со Националниот театар на Северна Грција. Мислам дека токму овие претстави ми обезбедија едно крајно специфично место во грчкиот театар“, ќе изјави во една прилика Слободан Унковски за „Утрински весник“.
Инаку, „Орест“ е драма напишана една година пред смртта на Еврипид, додека тој се наоѓал во самоегзил во Македонија откако ја напуштил Атина, бидејќи не се согласувал со актуелната политика. И токму Еврипид, за разлика од останатите двајца од големата тројка на грчки трагичари, Есхил и Софокле, е автор низ чии ликови се огледува политичката димензија на тогашното античко општествено опкружување. Унковски ќе каже дека „Орест“ е длабоко политичка драма за тоа што се случува со правдата и правото. Во неа има судир меѓу извршување на волјата на боговите, вршење одмазда по сопствена одлука или владеење на правото сеедно од кого или од каде доаѓа. „Мислам дека ’Орест’ допира некои навистина глобални прашања важни за современиот општествен контекст. Таа ги отвора прашањата за тоа дали светот после толку многу пролиена крв на разни места, не само блиску до нас, мора да се соочи со реперкусии и некакво цивилизациско трпење. Во таа смисла драмата е многу современа“, ќе изјави Унковски.
Во „Орест“ играат 28 актери, скоро сите од Атина. Претставата е работена од средината на април до 9 јули годинава. Преводот од старогрчки го направил познатиот грчки поет Јоргос Химонас, а соработници на Унковски се: Мета Хочевар, сценограф, Ангелина Атлагиќ, костимограф, Гага Росиќ, преведувач и драматуршки соработник, Никос Вудурис, композитор, Димитрис Сотириу, кореограф, Андонис Панајотопулос, дизајнер на светло, Христос Гусиос, саундскејп дизајн и музички дополнувања од солунскиот сотав „Prefabricated“.
Освен во Солун и Епидаурус, претставата ќе се игра и на голема турнеја низ 15-тина градови во Грција во текот на летово, вклучувајќи и четири претстави во Атина. На есен, „Орест“ ќе биде прикажана уште десетина пати во Солун, од 25 септември до 5 октомври, во театарот „Василико“. Националниот театар на Северна Грција, планира и голема меѓународна турнеја за која се' уште не се познати деталите.
Инаку, работата на Слободан Унковски во Солун предизвика огромен медиумски интерес. Беа објавени опширни интервјуа со македонскиот режисер во најголемите грчки весници: „Та неа“, „Елефтеротипија“, „Елефтерос типос“, во солунската Македонија, „Катимерини“ и други и во повеќе ревии и месечници. Унковски имаше и две телевизиски интервјуа на македонски јазик за најголемиот канал „Мега“ и за државната телевизија со седиште во Солун, „ЕР 3“.
До крајот на оваа година, Унковски ќе работи и во Народно позориште во Белград за прославата - 140 години од основањето на театарот, со компилација на „Фигаровата женидба“ на Бомарше: „Фигаро се разведува“ на Еден фон Хорват и операта „Севилскиот берберин“, како и во Софија во новиот театар „Модерен“ со драмата „Фестен“, според истоимениот култен Догма-филм. (Т.И.) |