Во ЕУ најмногу се фалсификуваат цигари
Во ЕУ расте количеството фалсификувана стока што се нуди на продажба, а за тоа говори и фактот што царинските служби на земјите-членки на Унијата лани конфискувале производи со лажни брендови во вредност од околу милијарда евра. Како што информира еврокомесарот за даночна и царинска политика Алгирдас Шемета, најчести фалсификувани производи се цигарите на кои отпаѓа дури 42 отсто од вкупната запленета стока со лажни марки. Веднаш по цигарите, следуваат канцеларискиот прибор со девет отсто, а потоа облеката и играчките со по седум проценти од вкупната фалсификувана стока. Меѓу на запленетите фалсификувани фармацевтски производи најголем процент отпаѓа на средствата за зголемување на потентноста и на препаратите за слабеење. Речиси 85 проценти од вкупниот број запленети фалсификувани стоки во ЕУ се произведени во Кина, нагласи Шемета, додавајќи дека главни транзитни центри на овие производи кон ЕУ се Индија, Хонг Конг, Молдавија и Турција. Како резултат на можноста за купување преку интернет, голем дел ��д фалсификуваните брендови во ЕУ стигнуваат преку пошта. Така лани биле запленети околу 80.000 поштенски пратки со фалсификувани производи, што е двојно повеќе во споредба со 2009 година. (МИА) |