До Анкона и Венеција за 79 евра
Италијанскиот авиопревозник „Бел ер“ ќе го поврзува скопскиот аеродром со новите дестинации двапати неделно
Сања Наумовска
Македонските патници директно ќе летаат до уште две дестинации во Италија. Вчера на скопскиот аеродром „Александар Велики“ слетаа првите патници на италијанската авиокомпанија „Бел ер Јуроп“ од Анкона, а еден час подоцна полетаа и првите за Венеција. „Бел ер“ ќе ги одржува редовните авионски линии до Анкона и до Венеција двапати неделно, секој четврток и недела. Цената на билетот за двете дестинации во еден правец е 79 евра, со вклучени авионски такси. Во цената е вклучена и провизијата за багаж до 20 килограми.
Летовите од Македонија до Анкона и до Венеција, во соработка со „Бел ер” ги организира швајцарскиот туроператор „Ер Приштина“. Досега оваа компанија до скопскиот аеродром оперираше од Цирих и Дизелдорф, како и од Цирих до Охрид во соработка со „Свис ерлајнс“.
„Нудиме многу конкурентни цени. Засега побарувачката ветува дека ќе продолжиме да летаме по 79 евра в�� еден правец кон овие две дестинации“, изјави Албин Идризи, менаџер на „Ер Приштина“ за Косово и за Македонија. Тој потенцираше дека Македонија ги спроведува европските регулативи по сите стандарди, поради што компанијата е подготвена да оперира од Македонија до сите дестинации каде што ќе може. „Наша мисија е да го намалиме јазот меѓу дијаспората и Македонија. Постојано го следиме пазарот и ќе лансираме нови летови во согласност со неговите потреби. Ова нема да биде последниот лет што го организира ’Ер Приштина’ во соработка со ’Бел ер’“, потенцираше Идризи.
Од концесионерот на скопскиот и на охридскиот аеродром „ТАВ Македонија“, истакнуваат дека уште неколку компании најавуваат почеток на своите операции од домашните аеродроми.
„Драго ни е што ги имаме овие две значајни нови релации и што можеме да им обезбедиме алтернативни географски дестинации на патниците. Веруваме дека новите летови на ’Бел ер Јуроп‘ од Скопје до Анкона и до Венеција ќе создадат одлична можност за патниците да се поврзат со Скопје. Исто така, новите релации ќе отворат можност за нови туристи од Италија и ќе придонесат дополнително да се развие туристичкиот потенцијал на Македонија. Би сакале уште еднаш со задоволство да ги поздравиме овие две нови авиолинии“, рече Зоран Крстевски, генералниот менаџер на „ТАВ Македонија”.
Шпанија, Холандија, Германија, Турција се новите дестинации за директни летови што на македонските патници им ги ветуваат менаџерите на концесионерот ТАВ. По Лондон, Анкона и Венеција, Барселона, Амстердам, Истанбул и Измир се градовите до кои ќе се лета директно и за малку пари.
|