Болниците се' уште работат незаконски?
Не се знае според кој модел болниците ќе ги враќаат поделените вишоци од платите
Јасмина Јовановска
Здравствените власти не знаат кои болници и клиники ги исправиле грешките во работењето и незаконитостите што ги утврди Владата. Не знае ниту министерот за здравство Бујар Османи, кој ќе чека да се сумираат резултатите од контролата и како извештај ќе биде презентиран на Влада до 1 ноември. Иако во извештаите за некои клиники, покрај барањата да се вратат незаконски поделените вишоци од плата и дежурства, како и од приватни пациенти, стои дека е направен криминал, односно дека клиниките не смеат да наплаќаат од Фондот за услуги што не ги извршиле, министерот Османи се' уште не разрешил никого од директорите. Тој се правда дека поради сообраќајната незгода, поради која беше отсутен десетина дена, не стасал да ги заврши разрешувањата.
Министерот Османи засега нема да ја разреши ниту ��иректорката на Клиниката за онкологија, д-р Симонида Црвенкова. Тој вели дека однапред никој не може да се обвини за криминал, иако во извештајот од Владата стои дека до Фондот се фактурирале услуги што не биле извршени.
„Од технички аспект не е можно извештаи на сите клиники и болници во детали да се разгледаат“, се извади Османи на новинарското прашање дали ќе се побара одговорност од директорката Црвенкова за констатираните неправилности на Онкологија. На клиниката вчера, како што дознаваме, се водела истрага меѓу вработените како владиниот извештај стасал до јавноста.
Пред десетина дена здравствените власти се пофалија каде направиле контроли и што откриле. И во Фондот за здравствено осигурување немаа информација кои болници и клиники ги вратиле незаконски поделените пари.
Во Фондот дури не знаат ни според кој модел болниците ќе ги враќаат поделените вишоци од платите, дежурствата и од приватните пациенти, за кои Владата оцени дека се незаконски поделени и мораше да се вратат најдоцна до 15 октомври. Во опција се два модела, вработените да го вратат вишокот земени пари или, пак, да им се одбиваат од наредните плати. Иако рокот за враќање е пробиен веќе десетина дена, во Фондот велат дека контролорите се на терен и поради тоа немаат податок дали се вратени парите. При последната контрола беа опфатени клиниките за торакална хирургија, за детска хирургија, за онкологија, како и уште седумнаесет болници и здравствени дома.
Колку пари треба да вратат болниците и клиниките по оваа основа не знаат ниту во Фондот ниту во Министерството за здравство. Се знае само дека од буџетите на клиниките и болниците поделените вишоци опфаќаат од 30 до 100 отсто од буџетот. Но, никој не објаснува дали тука влегуваат и парите од приватните пациенти. |