ТЕТОВО - Скинато јаже за заштита од електрични празнења на далновод е причина зошто Тетово цело деноноќие остана без редовно снабдување со струја. Дефектот се случил на далноводот Вруток-Полог-Тетово, на излезот од Гостивар. Громобранското јаже било прекинато на неколку места и при падот скинало проводник на електрична енергија. Хаваријата се случи ноќта во понеделникот, неколку минути пред 22 часот. Тетово и целиот регион беа во мрак се' до раните утрински часови во вторникот кога одделни градски реони добија струја.
Од извори на МЕПСО и ЕВН се дознава дека ваквото напојување било обезбедено од далноводот Скопје-Јегуновце-Тетово. Тетовскиот регион во текот на вчерашниот ден немаше континуирано снабдување со електрична енергија.
„Имаше дефект на челичното громобранско јаже. Причините не се познати. Механичкото оштетување може да настапило како последица на електрично празнење или дотраеност на сајл��та. Овој далновод е граден во 1950-тите години и, најверојатно, во прашање е дотраеност“, изјави Никола Стојанов, портпарол на МЕПСО.
Од МЕПСО известуваат дека поради споменатите причини се можни и натамошни проблеми и дефекти се' до изградба на нов далновод. „Градиме двосистемски далновод вреден три милиони евра. Една третина веќе е готова, но работите се забавени поради проблеми со имотноправните односи со одделни сопственици на парцели каде што треба да поминува далноводот. Некои земјоделци имаат поведено и судски спорови. Само нов далновод ќе овозможи континуирана работа на електросистемот во овој регион“, појасни Стојанов.
Целиот Тетовски регион најдиректно го почувствува прекинот во снабдувањето со електрична енергија. Повеќе претпријатија со сменска работа ги пуштија работниците, леб имаше само од пекарите што работат на плин или дрва, а неколку училишта вчера наставата ја започнуваа со задоцнување. Има случаи кога граѓани во последен момент се извлекле од лифтови.
Тетово беше осветлен само од фаровите на автомобилите, а светло од внатрешност или од становите доаѓаше само од оние што имале свеќи. Тетово беше во вистинско сивило како што било пред повеќе децении или како што беше за време на хаваријата од ноември 2008 година кога без струја остана цели 17 часа. (Г.Е.)
bravo za MEPSO sram neka im e bez nikakva investicija saka da ne dere so dalnovodi stari po 60 g 24 casa bez struja i bez najosnovnoto leb bidejki pekarite ne rabotat bez struja koj ke ja nadoknadi zagubata da zakasnime so plakanje na smetka odma racunaat kamata SRAM NEVIDEN