Ракот коси во Прилеп
Во 2007 година се евидентирани 583 заболени, а во првата половина од годинава 480 пациенти
Моника Талеска
ПРИЛЕП - Малигните болести во Прилеп се во пораст, а се зголемува и бројот на луѓето што умираат од рак, покажуваат статистичките податоци од Центарот за јавно здравје. Во 2007 година се евидентирани 583 заболени, а две години потоа, 70-ина нови случаи. А само во првата половина од годинава има 480 пациенти со малигни болести.
Канцерот, без оглед на возраста и социјалниот статус, претставува потенцијална опасност за секого. Меѓутоа, нема институција што покажала интерес да ги открие причините зошто оваа тешка болест одзема се' повеќе млади животи.
Се говори дека во планините во Мариово има ураниум, радиоактивен елемент што се користи при изработка на нуклеарни бомби и нуклеарни централи. Но, никој не направил истражување колкаво е тоа зрачење и колкави се опасностите за здравјето. Секоја нова семејна трагедија остава само многубројни отворени прашања - зошто во Прилеп, градот со колабирано стопанство, расте бројот на пациенти на кои им се дијагностицира рак.
„Бројот на новозаболени на 100.000 жители изнесува 249,4 отсто, а бројот на вкупно заболени од малигни заболувања во Прилеп е 668. На прво место е ракот на дојка, на второ рак на дебело црево, потоа на бели дробови, на четврто место е ракот на простата кај мажите, па на матката“, изјави примариус д-р Василе Пејкоски, специјалист по социјална медицина со организација на здравствена дејност.
Оваа состојба како и секаде во светот е резултат на брзиот и современ стил на живот, без доволна физичка активност, а со консумирање штетна храна, алкохол и цигари, истакнуваат медицинските стручњаци. За спречување на овие болести, неопходни се редовни прегледи и контроли на граѓаните.
„Донесени се програми за неколку скрининзи од Владата. И тоа за рак на дојка, за колоректален карцином, скрининг за матка, меѓутоа, се' уште не се реализирани во практика“, потенцира примариус д-р Пејкоски.
Наспроти ова, не толку одамна од прилепската болница е повлечен од употреба неисправен мамограф, кој долго време се користеше за дијагностицирање на рак на дојка. Зошто мамографот не е повлечен порано и не е заменет со нов? Министерот за здравство, Бујар Османи, изјави дека мамографот е повлечен од употреба во моментот кога е констатирана неисправност. Останува нејасно колку овој неисправен апарат им нанел штета на жените што доаѓале тука да вршат контроли.
Проблемот во Прилеп со дијагностицирање на ракот е уште потежок зашто во Одделот за рендген работат само двајца специјалисти, кои вложуваат максимални напори да им излезат во пресрет на потребите на граѓаните. Во оваа болница на контрола доаѓаат над 100.000 жители од поширокиот регион, а да не говориме за опасноста и ризикот за здравјето кај двајцата рендгенолози, кои деноноќно се изложени на зрачење.
Ситуацијата е загрижувачка, а синхронизирана акција на надлежните институции нема.
Во јавноста често како причина за појава на рак се споменуваа старите азбестни цевки во водоводната мрежа. Со реализација на проектот на КФВ банка, сменет е голем дел од мрежата со нови пластични еколошки цевки, според европски стандарди, а останува обврската на претпријатието за целосна промена на мрежата што би се реализирало за неколку години.
„Направени се испитувања и утврдено е дека азбестните цевки не се штетни за здравјето на човекот и не се причинители на рак“, тврди директорот Сашо Николоски.
Останува енигмата околу степенот на зрачење на ураниумот во планините во Мариовско. Повозрасните прилепчани знаат дека според испитувањата на стручњаците од белградскиот институт во поранешна Југославија, било потврдено присуство на радиоактивен ураниум во планините во Мариовско. Но, оттогаш никој не направил детална анализа и истражувања колкаво е тоа зрачење во мариовските планини и дали има негативни реперкусии врз здравјето на луѓето.
Има ли државата стратегија за решавање на овој проблем или и натаму се ќе се сведува на кревање раменици на лекарите при секое откривање на ракот во доцен стадиум и на статистика, која, очигледно, никому не служи. А, во последно време, според тврдењата на медицинските стручњаци, се' потешко се добиваат податоци од надлежните државни служби. |