Медведев попопуларен од Путин
Го престигна премиерот на листата „100 водечки руски политичари“
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Најпознатиот руски тандем ги замени местата на најновата листа на „100 водечки руски политичари“ која ја прават политиколозите за московскиот дневен весник „Независмаја газета“. По речиси една година сега на првото место повторно е Дмитриј Медведев, а на второто е премиерот Владимир Путин. Таа ранг-листа се прави врз основа на анкета што ја пополнуваат познати руски политиколози.
Сите анкети, па и оваа, се работат на мал примерок, па со целосна сигурност не може да се каже дека Медведев навистина сега меѓу народот е популарен од Путин. На претседателот Медведев популарноста му расте кога ќе тргне со „рафална иницијатива“. Така, овие денови пак повтори дека ниту еден офицер во блиска иднина не може да биде без стан. Штом макар и симболично се зголемат пензиите „на тандемот на врвот“ му расте популарноста кај околу 40 милиони руски пензионери.
Неспорно е дека популарноста на Владимир Путин и неговиот најдобар ученик Дмитриј Медведев е доволно голема за сигурно да победат ако изборите се одржат утре. Тие не постигнаа фантастични економски резултати, па тоа да им е гаранција за нови изборни победи, туку фактот дека во денешна Русија освен комунистите нема ниту една вистинска опозициона партија. Оние политичари кои ја имаат поддршката на Запад, но немаат партија во парламентот, како шахистот Гари Каспаров, Борис Немцов, кој своевремено Елцин и неговото семејство го споменуваа како наследник во Кремљ, или поранешнио�� премиер Михаил Касјанов, ниту на следните избори немаат шанса да влезат во Думата, а на претседателските избори можат да добијат само промили. Освен тоа, сите тие мислат дека треба да бидат претседатели на Русија.
Западните медиуми ја потхрануваат надежта на квазиопозицијата, кои постојано им даваат значаен публицитет иако самите се свесни дека со стотина симпатизери не се освојува власта во големата Русија. Каспаров, Немцов, Касјанов повеќе личат на активисти во движењето за човекови права отколку на амбициозни политичари кои сакаат да ги заменат Путин и Медведев. Нивен најголем политички проблем е тоа што ја заработија етикетата „западни платеници“, а такви луѓе немаат шанса на овдешната политичка сцена.
Што се однесува до комунистите, тие би имале забележително повеќе шанси кога би го подмладиле раководството, бидејќи нивниот лидер Генадиј Зјуганов постојано ги повторува старите приказни и „цедето му се излижа“. Тоа е причина што за Зјуганов главно гласаат постарите луѓе кои поради биолошките закони ги има се' помалку.
Факт е дека на Путин и на Медведев им паѓа полека популарноста кај народот, што го покажуваат социолошките истражувања. Тоа е последица на падот на стандардот кај обичните луѓе, како и тоа што сегашната власт објективно не може ефикасно да се бори со најголемото зло - корупцијата. Социолозите од центарот „Левада“ дојдоа до резултати дека во 2009 година, најмалку 15 отсто од граѓаните им давале мито на државни службеници. Во споредба со 2006 година, бројот на оние што даваат мито остана ист, но затоа се зголемија сумите. Додека пред четири години еден чиновник можеше да се „одоброволи“ со околу 5.000 рубли, сега просечната сума во плик е околу 10.000 рубли.
Давањето мито стана вообичаена појава. Дури 55 отсто од граѓаните сметаат дека е „нормално“ да се даде плик со пари за да се реши некој проблем. Најкорумпирани се чиновниците, кои издаваат дозволи за отворање нови фирми. За добивање на тие документи, дури 92 отсто од граѓаните дале мито. На второ место се сообраќајните полицајци, мито им даваат 67 отсто од возачите. Во Русија мито се дава и за добивање најобична потврда, па се' до запишување на децата во училиште. |