Гошев: Со сите сили ќе го браниме денарот
Нема недостиг од евра на менувачкиот пазар, иако граѓаните купуваат девизи
Соња Маџовска
Гувернерот на Народна банка на Македонија, Петар Гошев, вчера излезе во јавноста да каже дека граѓаните не треба да се плашат од можна девалвација и дека со сите сили, по секоја цена, ќе се штити курсот на денарот. Оваа негова изјава следува откако пред десетина дена меѓународните институции, како ММФ, рејтинг-агенциите „Фич“ и „Стандард и Пурс“, како и домашните експерти предупредија на опасноста што ја носи дрматичниот раст на трговскиот дефицит и дефицитот на тековната сметка, кои би можеле да притиснат врз девизниот курс.
Експертите, кои отворено предупредија на оваа опасност, според Гошев, се кризолози и шпекуланти, кои го подгреаја старвот кај граѓаните и ги поттикнаа да купуваат девизи. Гошев тврди дека нема никаков проблем на менувачкиот пазар, односно дека има доволно девизи. Тој признава дека во овој период граѓаните ги претвораат денарите во евра, како и заштедите во банките, но уверува дека нема никаква опасност од девалвација, односно дека е загарантирана стабилноста на курсот на денарот.
„Народна банка на Македонија уште еднаш потврдува дека девизниот курс останува стабилен. Стратегијата на одржување стабилен девизен курс останува како наша политика. Тоа и досега го изјавувавме - и ние и од Владата. Како централна банка со сите наши инструменти ќе го браниме девизниот курс. Неговата стабилност не е доведена во прашање, затоа што имаме на располагање инструменти преку кои интервенираме. Девизните резерви се во доволен обем, во секое време кој било недостаток кај некоја банка да биде пополнет со купување девизи од страна на централната банка“, изјави вчера Гошев.
Гувернерот признава дека во овој период граѓаните поради страв од девалвација ги претвораат денарите во евра, но тој тврди дека нема реален недостиг од девизи во банките и во менувачниците. „Нема никаков проблем. Централната банка се' што ќе биде понудено, девизи, евра, долари, сите вишоци ги откупува. И доколку се јават недостатоци кај банките, неограничено им се продаваат девизни средства, така што нема реален проблем. Дали кај некои менувачници прометот е намален или не е? Дали граѓаните се воздржуваат од продавање девизи сега поради шпекулации и изјави на разни кризолози? Тие измислуваат дискусии во врска со девизниот курс, некои што постојано посакуваат разнишување на вредноста на денарот. Но, тоа очигледно создава проблем кај луѓето“, вели гувернерот.
Според него, во овој период се бележи и побрз раст на девизните депозити за разлика од денарските. Тоа веќе извесно време го потврдуваат и банкарите. Гошев смета дека тоа е подгреано од изјавите на експертите за опасност од намалување на вредноста на денарот. „Се разбира, кога има шпекулации од овој вид, луѓето почнуваат да се плашат и мислат дека ќе има намалување на вредноста на денарот, па се обидуваат да се заштитат преку претворање на денарите во девизи. Притоа, ризикуваат да изгубат подобри камати на денарските депозити. Но, тоа се нивни ризици, дали ќе потклекнат на шпекулациите коишто постојано некои кругови се обидуваат да ги одржат во живот“, вели Гошев.
Гувернерот смета дека нема никаква опасност од разнишување на стабилноста на денарот. Им забележува на експертите кои ги упатија овие предупредувања. Но, очигледно Народна банка и Владата ќе треба да ги убедат и меѓународните финансиски институции и рејтинг- агенции дека нема опасност од нарушување на макроекономските движења во земјава поради растот на дефицитот на тековната сметка во земјава.
|