Винарската визба „Тиквеш“ од завчера почна со исплатата на втората рата за откупеното грозје од годинешната берба. Со оваа исплата винарската визба ќе покрие 50 отсто од вкупниот износ за откупено грозје. Целокупната исплата на минатогодишната реколта треба да заврши до мај 2009 година.
„И покрај сите предизвици со кои се соочуваме, им ветивме на лозарите дека ќе го скусиме рокот за исплата на предаденото грозје и го сторивме тоа“, вели Ѓорѓи Петрушев, генерален директор на „Тиквеш“. За разлика од лани, кога исплатата за предаденото грозје започна во март, а заврши во септември, годинава лозарите ја добија првата рата веднаш по бербата и целата динамика за исплата на грозјето е намалена за најмалку четири месеци. (Ек.Р.)