Мозаиците во Чифте - амам го донесоа струмичкото сонце
„Пафта“ - Ѓорѓи Томовски
Со презентирање на делата на седум автори, се заокружи сликата за Струмичката ликовна колонија
Катерина Богоева
Со минатонеделното отворање на изложбата „15 години мозаик во Меѓународната струмичка ликовна колонија“ во просторот Чифте - амам на Националната галерија на Македонија во Старата скопска чаршија, колонијата што се смета за една од најстарите во земјава, одбележа уште еден значаен јубилеј, постоење на работилницата(атлејето за мозаик).
По повеќе од еден месец од отворањето на изложбата „Современа македонска ликовна уметност“ на која е презентиран значаен избор од највредните дела што Колонијата ги поседува во својата колекција, сега во истиот изложбен простор се презентираат и мозаиците создавани од 1993 година.
Презентирани се делата на досегашните учесници, седум мозаичари од три земји: Газанфер Бајрам, Ѓорѓи Томовски и Александар Филев од Македонија, Паоло Ракањи, Анита Рита Петрини и Моника Џованоти од Италија и на Наташа Дејановиќ - Димитријевиќ од Србија.
„Увото на Дионис“-Ракањи Паоло
„Струмичката ликовна колонија отсекогаш претставувала место каде мулти-културолошките преплети на учесниците од цел свет, исплетени со нитки на топлото сонце и струмичкиот темперамент, прават еден богат и непресушен извор за нови ликовни дејанија. Тука негде и топлата енергија од природните камчиња на мозаикот ја наоѓаат својата природна средина“ - вели ликовниот уметник Ѓорѓи Томовски, кој годинава на колонијата ќе учествува по четврт пат. Нему, условите за работа во студиото му ветуваат многу можности за работа и тој искрено се надева дека трендот на развивање и етаблирање на мозаикот во рамките на Колонијата ќе продолжи и понатаму .
„Студиото за мозаик долги години успешно опстојува и генерира креативни струења што секоја нова година, откриваат нови теченија. Учесниците кои доаѓаат од Италија, Србија со себе носат енергија различна од мојата, и при интензивните контакти и дружења, мислам дека додавам по еден нов слој на искуство кој ги збогатува и дополнува сите предходни.
Професорот Газанфер Бајрам ги постави темелите на мозаичката работилница, оставајќи простор секој кој ќе се пронајде во отворените можности на мозаикот к��ко сликарска техника, да земе и остави свој дел во студиото. Па така, со мојот драг колега Александар Филев се обидуваме достојно да ја оправдаме довербата, збогатувајќи го фондот на мозаици направени под струмичкото сонце“ - потенцира Томовски, кој досега во соработка со Бајрам ги извел и мозаиците поставени во холот на Македонскиот народен театар, во Собраниската сала на Републичкиот парламент и во ВИП салонот на скопскиот аеродром.
„Тешка ноќ“-Александар Филев
Мозаичарот Александар Филев е единствен од тројцата автори кој живее во Струмица и работи во Уметничката галерија во градот.
Во изработката на мозаици најнапред соработувал со Газанфер Бајрам, кој и му ги пренел првите сознанија за оваа ликовна дисциплина како професор во Средното уметничко училиште „Лазар Личеновски“ во Скопје, а потоа продолжил да работи и сам. Соработувал и во изработката на мозаикот на Монументалниот центар АСНОМ во Пелинце.
Тој информира дека во тек се обиди за одвојување на мозаичарската работилница од Колонијата за таа да продолжи независно да работи во иднина. На тој начин смета Филев, би се збогатиле нејзините содржини, со одржување на работилници, семинари, за што веќе се поднесувани и барања до Министерството за култура.
А основачот на колонијата Газанфер Бајрам, кој во 1993 година, на Колонијата го создал првиот мозаик „Мистика“, смета дека изминатите 15 години и создадените дваесеттина мозаици се навистина доволна причина за славење.
„Аквариум“- Газанфер Бајрам
„Уште позначаен е овој датум, бидејќи се врзува со 45 -годишнината од постоењето на Меѓународната струмичка ликовна колонија. Среќен сум што се опфаќаат две чевствувања. Задоволството со мене го дели мала, но одбрана екипа на Уметничката галерија, а и вработените во Центарот за култура „Антон Панов“. Благодарение на Струмица и Колонијата, го ископавме мозаикот од длабочините на историјата, му дадовме современ сјај и облик. Мозаикот заживеа меѓу струмичката публика која 45 години го формираше и го истенчи своето чувство за ликовната уметност. Регистрирани сме во AIMC (Интернационално здружение на современи мозаичари)и во дата - центарот на Равена. Минатата година, Меѓународната струмичка ликовна колонија беше спонзор на Меѓународниот конкурс за млади студенти по мозаик што го организираше здружението „Мозаикот денес“ (Mosaico oggi) од Рим и како награда додели две места за учество на Колонијата“ - посочи Газанфер Бајрам, кој се надева дека во идните 15 години ќе се соберат над 50 дела, „низ чии камчиња ќе зрачи струмичката топлина и светлина на која гордо ќе покажуваат струмичаните“.
Двете наградени италијански студентки Ана Рита Петрини (1987) и Моника Џованоти (1988) ги изложуваат своите мозаици во изложбениот простор на Чифе - амам. Мозаиците пак што им биле наградени на Меѓународниот конкурс за млади студенти по мозаик, организиран од мозаичарката Фернанда Толемето, биле презентирани и на изложба во Фиренца.
Петнаесетгодишната досегашна историја на ателјето за мозаик, неодвоиво се врзува и со името на познатиот италијански мозаичар Паоло Ракањи, кој за прв пат на Колонијата дошол да работи во 1994 година кога и создал четири од презентираните дела на изложбата во Чифте - амам: „Интимен пејсаж“, „Ерос“, „Времето на гранките“ и „Опачината на сензибилитетот“, а една година подоцна и „Закана од темнината“, „Увото на Дионис“ и „Долина на темнината“.
|