Британскиот независен експерт за воздухопловни несреќи, Едвард Пули, вчера пристигна во Скопје, каде што во наредните два дена треба да ги вештачи деловите од армискиот „Ми-17“ што се урна пред две години кај катлановско Блаце.
Тој вчера претпладне имаше средби со надлежните во Основниот суд Скопје 1, а потоа беше планирано да му бидат презентирани сите докази собрани за време на двегодишната истрага во земјава, како и остатоците од хеликоптерот, кои се чуваат во хангар на Воениот аеродром во Скопје. Британскиот експерт е ангажиран по барање на обвинителот Љупчо Шврговски за да го направи финалното странско вештачење со цел да се утврдат причините за падот на армискиот хеликоптер, при што загинаа 11 мировници на враќањето од мисијата во Босна.
Тој вчера за медиумите не сакаше да изнесува детали за досегашните сознанија што ги има, ниту, пак, за активностите што ќе бидат преземени наредните два дена, со цел да се заокружи експертизата.
„Мојот извештај ќе го дадам на обвинителите и тие ќе одлучат што да соопштат од таа информација. Тоа е извештај за нив, а не за јавноста и тие ќе одлучат“, изјави кратко Пули по средбите со Основниот суд Скопје 1. За денеска најави писмено соопштение во врска со досегашниот дел од вештачењето на хеликоптерот.
Странската експертиза ќе ја чини земјава 55 илјади фунти, а од страна на судот веќе му беа доставени на Пули илјадници страници од доказите што беа прибрани од страна на трите комисии, кои работеа на утврдување на причините за трагедијата. (Д.Т.)