БИТОЛА - Малолетник од Битола малку недостигало да се удави во Големо Езеро на Пелистер, откако шетајќи по замрзнатото езеро, попуштил мразот. Малолетникот пропаднал во замрзнатото езеро. За среќа, момчето се задржал на сантата мраз.
Малолетникот бил во друштво со уште седум свои врсници кои, исто така, се шетале по замрзнатите води на Големо Езеро, уживајќи во необичната слика. Но, по пропаѓањето, другарите создале паника, па веднаш дотрчале напомош други планинари и чуварите на Домот. Момчето едвај го извлекле со помош на јаже, велат очевидци на настанот.
Во последно време зачестија посетите на малолетници на Пелистер, кои без придружба на искусен планинар или водич на своја рака организираат прошетки. Планинари велат дека езерото замрзнува во ноември, но дека мразот полека се топи во април. Оваа година тоа било исклучок поради големиот снег што падна на Пелистер зимава.
Пред само нецела година, четворица малолетници, меѓу кои и девојчиња, се загубија на Пелистер, слегувајќи од врвот. Само малку недостигаше да паднат во водите на Раштанска Река. Ловци од Битола едвај пред полноќ ги извлекоа од опасната ситуација. (А.Б.)