Мистериозна експлозија го вознемири Скопје
Еден работник е тешко повреден при експлозија на метален предмет во погон на „Макстил“
Љубиша Станковиќ
Заглушувачка бучава, која потсетуваше на звук од авионски мотор, се слушна десетина минути пред осум часот, вчераутро, над Скопје. Бучавата траеше десетина секунди, а потоа одекна силна експлозија и пад на непознатиот летечки објект, во кругот на скопската Железарница.
Првичната непотврдена информација упатуваше на пад на беспилотно летало, а набргу потоа се проширија гласишта, според кои, се работело за граната што била испукана од падините на Скопска Црна Гора и што завршила во оградениот простор на Железарницата, во скопската населба Бутел. По неколкучасовна истрага, беше констатирано дека не станува збор за паднат авион или истралана граната, туку за непознат метал, најверојатно, со цилиндрчена форма, кој експлодирал во погонот на „Макстил“, каде што се врши сечење на металот, односно негова подготовка за ставање во печките. Од активирањето на металниот предмет, кој го прелета безмалку половина Скопје и повторно заврши во кругот на Железарницата, со тешки повреди се здобил работникот што работел на сечење на металот.
„Се случила експлозија, некое тело одлетало од местото на настанот и паднало некаде на два до три километри кај капија ’Север“. Најверојатно, станува збор за направа што имала експлозивно полнење“, ни изјави Нове Георгиевски, помошник за заштита и екологија на генералниот директор на „Макстил“.
Според Георгиевски, ова е прв ваков случај, бидејќи стандардите што се спроведуваат во погонот не дозволуваат истовар на метал што содржи експлозивно полнење.
„Секое возило што влегува во кругот на Железарницата мора да поседува сертификат за нерадиоактивност. При влез се врши дополнителна проверка и на крајот, при истовар, по трет пат се проверува товарот“, вели директорот Георгиевски и појаснува дека на половина се сечат резвоари за вода и боци од пропан и бутан-гас. Тој не може со сигурност да каже како дошло до експлозија при сечење на материјалот што се подготвувал за топење во ремонтираната печка, но потврдува дека вработениот Димо Пагуловиќ (33) се здобил со тешки повреди.
Откако металниот предмет се вивнал во небото, од експлозивното полнење дошло до палење на заштитната облека што Пагуловиќ ја имал на себе. Нему на помош му први му притекнале неговиот раководител и уште неколкумина колеги, кои откако му ја соблекле заштитната облека, со возило го префрлиле до клиниката „Ремедика“, а оттаму бил пренесен во Градската општа болница.
Според директорот на скопската Градска болница, доктор Виктор Камиловски, повредениот работник е на Одделот за интензивна нега со над 60 проценти изгореници од втор и од трет степен. Кај него биле констатирани многу пунктни убодни рани по телото и една поголема на десната натколеница, која веќе е сошиена, а од падот се здобил и со многу контузии.
„Свесен е и контактибилен. Се' уште не е ставен на апарати, но се очекува во текот на овие 24 часа да се јават дополнителни компликации што се вообичаени кај олку висок степен на комбустија“, рече Камиловски и појасни дека пациентот од пламенот што настанал при експозиција, што го отфрлил назад, се здобил со изгореници во пределот на лицето, грбот, седал��ата регија и на двете натколеници. По кратката реанимација, тој бил спроведен во операциона сала, каде што се интервенирано врз изгорениците.
Многубројни новинарски екипи вчера беа насобрани пред влезот на таканаречнета северна капија. Пред капијата беа присутни и жители на населбата Бутел, бидејќи како што потврдија, виделе „ракета, која првин експлодирала на небо, а по падот, дошло до уште една експлозија“. Со вакво слично сведочење е и Омер Вукељ, но тој појаснува дека при пад на непознатиот предмет, кој бил со големина на возило, јасно се гледала трага со виолетова боја.
Други очевидци тврдат дека непознатиот предмет летал на голема височина и дека зад себе оставал бела трага, но она што е заедничко за сиве овие кажувања, се однесува на звукот што се слушнал по силната експлозија.
„Се случила експлозија, некое тело одлетало од местото на настанот, прво се вртело, па одлетало. Колегите од крим-техника се на местото каде што паднало телото. Некаде на два-три километри на север“, рече Томче Божиновски, инспектор во Дирекцијата за заштита и спасување, во миговите кога влегуваше на северната капија од скопската Железарница.
Според првичните мислења на експертите од МВР, најверојатно, станува збор за тело што било исполнето со гас или со керозин, бидејќи му дале моќ да одлета, но доколку во него имало барутно полнење, експлозијата ќе се случела на земја. |