Загадочно убиство во штипската ромска населба
ШТИП- Педесетгодишен маж е убиен во својата куќа во ромската населба во Штип. Телото на Мемед Адемов го пронашла неговата сопруга, која дошла да види до каде е нејзиниот маж со градежните работи на куќата. Полицискиот увид покажал дека станува збор за насилна смрт. Надлежните работат на расветлување на случајот.
Телото на Адемов било пронајдено вчера изутрина во неговата нова куќа на Радански пат. Неговата сопруга дошла да види до каде е Адемов со изградбата на новата куќа, а таму го нашла неговото безживотно тело. Снежана Санева, портпарол на СВР Штип, вели дека според досегашните сознанија, најверојатно, станува збор за убиство. Несреќниот Адемов прексиноќа до 22,30 часот работел на својата куќа, при што помош имал од својата сопруга. Тогаш сопругата заминала на спиење во куќата на деверот, а Мемедов останал да ги дозаврши започнатите работи. Кога утредента во куќата дошла неговата сопруга, го нашла мртов, а полицијата констатирала знаци на насилна смрт.
Првичните претпоставки се дека Адемов бил цел на насилници, кои сакале да се дојдат до неговите пари, знаејќи дека тој до скоро бил на работа во Германија. Сепак, истражните органи претпоставуваат дека конечната верзија за смртта на овој жител на ромското штипско маало ќе се знае дури во текот на денешниот ден. Вчера низ Штип можеше да се забележи зголемено присуство на полицијата, која ги сопираше и ги претресуваше возилата. Сепак, до заклучувањето на весникот, немаше официјални информации за тоа кој би можел да посегне по животот на овој средовечен Ром. (И.Б.) |