01.09.2012, 22:31 Лазаров со Атлетико ја освои светската клупска круна
Победата во финалето над Кил (28:23), тимските колеги ја посветија на починатиот татко на Лазаров
Атлетико Мадрид за кој настапува македонскиот репрезентативец Кире Лазаров ја освои клупската шампионска титула, победувајќи го Кил со 28:23 во финалето на Супер Глоуб турнирот во Доха, Катар.
Најефикасен во победничката екипа беше Јуркиевич со 5 погодоци, додека Кире Лазаров постигна 4.
Во Кил најпрецизен беше Филип Јиха со седум гола. Ова за Лазаров е прва светска клупска титула, а Атлетико Мадрид стигна до првиот меѓународен трофеј од 2000 година наваму.
Тренерот на Атлетико Мадрид, Талант Душебаев, по освојувањето на светската клупска круна истакна дека трофејот му е посветен на починатиот татко на најдобриот македонски ракометар Лазаров. Истото го направија и соиграчите на Лазаров, кои биле потресени од веста, но заедно со капитенот на македонската репрезентација решиле да направат се за да стигнат до големиот успех.
- Веста за смртта на таткото на Кирил Лазаров ја добивме ноќ пред средбата со Кил и тоа беше тежок удар за нас. Сепак, ракометарите најдоа сили да стигнат до трофејот. Овој трофеј го посветуваме на таткото на Лазаров. Сочуствуваме со неговата болка во овие моменти – рече Душебаев.
Лазаров турнирот во Доха го заврши како најдобар стрелец со 28 гола, па сега во кариерата му недостига само титулата европски првак.
|