02.09.2012, 17:19 Класичните светилки отидоа во историјата
Со забраната Европа планира да заштеди околу 1 отсто од годишната потрошувачка на електрична енергија или тоа е производство на десет термоелектрани
Од септември во Европската унија повеќе не смеат да се произведуваат класични светилки, па дури и оние од 25 вати. На трговците ќе им биде дозволено само да ги распродадат залихите. За осветлување се препорачуваат светлосните диоди ЛЕД, кои трошат само 5 отсто споредено со класичните светилки.
Уште во 2009 година беа забранети светилките со над 75 вати, потоа и оние од 60 и 40 за сега да се стави крај на производството и на светилките со моќност од 25 вати.
Германските експерти тестирале неколку вида алтернативни светилки од кои најдобри резултати покажале диодите. Според наодите, алтернативната замена за класичната светилка трае подолго, не е штетна за животната средина, со самото вклучување оддава одлична светлина и троши за дури 90 отсто помалку. Иако низ маркетите диодите се' уште се продаваат по далеку повисоки цени, сепак, векот им е значително подолг. Но, и цената им бележи постојан пад или годишно им се намалува за околу 30 отсто. Денеска се продаваат за 20 евра од светилка, додека до 2020 година таа нема да чини повеќе од 3 евра.
Со забраната Европа планира да заштеди околу 1 отсто од годишната потрошувачка на електрична енергија или тоа е производство на десет термоелектрани. Забраната веќе ја има спроведено или, пак, е планирана во поголем дел од светот, како што се и моќните САД, Индија, Бразил, Австралија, Кина и Филипини.(Дојче веле) |