30.08.2012, 14:57 Центарот „Интерарт“ се претставува на Саемот за танц во Дизелдорф
Скопје танцов театар вечерва ќе ја има германската премиера на „Човек во ходникот“
Културниот центар „Интерарт“ деновиве се претставува со свој штанд на престижниот светски Саем за танц во Дизелдорф, Германија. Саемот за танц во Диселдорф е една од најголемите светски манифестации во областа на танцот, на кој учествуваат голем број танцови компании, национални балети, фестивали, институти од целиот свет.
„За сите оние што се занимаваат со танц, сите патишта моментно водат кон Саемот за танц во Дизелдорф. Културниот центар ’Интерарт‘, со поддршка на Министерството за култура на Македонија, од 29 август до 1 септември ја претставува македонската современа танцова сцена и програмите што се одвиваат кај нас, како што се ’Танц фест Скопје‘, Скопје танцовата академија и се разбира, Скопје танцов театар“, вели Рисима Рисимкин, директорка на „Интерарт“.
Скопје танцов театар вечерва ќе ја има германската премиера на копродукцијата „Човек во ходникот“, во театарот „Културбункер“ во Келн. Претставата е копродукција со театарот ТКО од Келн, а режијата и кореографијата се на Рисима Рисимкин и Нада Кокотовиќ. Во претставата настапуваат танчарите на Скопје танцов театар: Матеја Киселичка, Адријана Данчевска и Валентино Апостоловски, како и Неџо Осман, Грит Бардовиц и Фунг Тунг од ТКО театарот. Работена е според мотиви од истоимениот роман на Маргерет Дира. Костимите се на Благој Мицевски, а асистент-репетитор е Ирена Лозинска. Оваа претстава е вклучена во брошурата на Саемот за танц, како придружна програма, и како што истакнува Рисимкин, со што е промовирана на највисоко ниво моментно.
Инаку, на Саемот за танц, годинава, според организаторите, има 40 отсто поголем број изложувачи од целиот свет, а во вечерните часови се одвива селектирана уметничка програма, со најдобрите продукции во изминативе две години. (Т.И.)
|