31.08.2012, 17:07 (ФОТО) Наковска-Бикова параолимписки шампион!
Македонската стрелачка во квалификациите постави нов светски рекорд од 381 круг
Роберт Димитриевски
Македонската стрелачка Оливера Наковска-Бикова го освои златниот медал во дисциплината воздушен пиштол 10 метри на 14. Параолимписки игри во Лондон! Таа во квалификациите истрела 381 круг, подобрувајќи го за еден круг досегашниот светски рекорд на Русинката Марина Клименченко, која го освои сребрениот медал, а бронзата и' припадна на Сара Џаванмардидодмани од Иран. Во финалето 37-годишната битолчанка забележа четврти резултат од 94,7 круга, но заедно со тој од квалификациите вкупното постигнување и' е 475,7 круга, што е нов рекорд на параолимпијадите! За споредба, Клименченко го заврши финалето со вкупно 469,6 круга, а „бронзената“ Иранка 469,0.
Ова е трет медал за Македонија во досегашните шест учества на Параолимписките игри како самостојна држава и сите три се во стрелаштво. Првиот го освои тренерот на Наковска-Бикова и македонски знаменосец на свеченото отворање Бранимир Јовановски, кој исто така беше „златен“ на ПОИ 1992 во Барселона, а Ванчо Каранфилов во Атина 2004 се закити со сребро.
Наковска-Бикова ја исполни параолимписката норма во оваа дисциплина со резултатот од 462,4 круга (366 во основниот дел), доволни за бронзениот медал во конкуренција на 26 натпреварувачки на Светското првенство во стрелаштво за спортисти со инвалидност во 2010 година во Загреб. На Параолимпијадата 2008 во Пекинг беше петта, а на ПОИ 2004 во Атина шеста.
Во 2001 година го освои златниот медал на Европското првенство во Данска, а на Светскиот шампионат во Сеул беше најзаслужна за екипното сребро во тричлениот македонски состав. Има сребрен медал и од СП 2006 во Сарганс, Швајцарија, каде што златото и' побегна за само 0,1 круг, а на Европскиот куп во Падова победи со израмнет светски рекорд. Сето тоа и' го донесе првото место на светската ранг-листа во стрелање со воздушен пиштол.
Наредниот настап на Наковска-Бикова е в понеделник во дисциплината спортски пиштол слободен избор 25 метри, во која ќе настапи и Ванчо Каранфилов, кој во воздушен пиштол 10 м заврши 22. меѓу 31 стрелец. Двајцата ќе се појават на стрелиштето и на 6 септември во квалификациите во спортски пиштол слободен избор 50 м.
|