29.08.2012, 13:09 Шахистите убедливи на стартот на Олимпијадата
Македонија го збриша Макао со 4-0, резултат со кој дамите се поразени од Индија
Според очекувањата, машката шаховска репрезентација на Македонија почна со максимална победа од 4-0, а женската со таков пораз на јубилејната 40. Олимпијада, која се одржува од 28 август до 10 септември во Истанбул. Мажите, според просечниот рејтинг на екипата од 2492 поени рангирани на 49. место меѓу 158 земји, го декласираа Макао, 125. на стартната табела. Жените, пак, 68. во конкуренција на 124 тима, беа лесен плен за шесторангираната Индија.
Нерамноправниот противник му овозможи на капитенот на машката селекција Драгољуб Јаќимовиќ на стартот да го изостави велемајсторот Владимир Георгиев (рејтинг 2566). Во негово отсуство задачата беспрекорно ја завршија ВМ Трајко Недев (2494) со црни фигури против Хексилон Пунонгбајан (2091) на првата табла, потоа ВМ Влатко Богдановски (2448) во дуелот со Ли Хуи (1958), интермајсторот Филип Панчевски (2461) против Жоел Селис Чанг (1810) и ИМ Атанас Кизов (2418) во партијата со Соломон Бернардино Селис (1989).
Без најдобрата македонска шахистка, ЖИМ Габриела Коскоска (2094), против Индијките капитулираа Бојана Бејатовиќ (1978) со бели фигури на првата табла против ВМ Харика Дронавали (2503), потоа Моника Стојковска (1939) против ИМ Еша Санџаи Караваде (2371), Драгана Николовска (1828) против ИМ Тања Сачдев (2379) и Симона Лакинска (1655) против ЖВМ Сваминатан Сумја (2271).
Најголемото изненадување на отворањето на машкиот турнир го приреди првиот и единствен боливиски велемајстор Освалдо Замбрана (2471), кој на првата табла го победи ВМ Сергеј Мовсесјан (2698) од Ерменија, ублажувајќи го поразот на својата земја од 3-1. Топ-фаворитот Русија брзо поведе со 3-0 против Доминиканска Република, но во една од најдолгите партии во првиот натпреварувачки ден ФИДЕ-мајсторот Вилијам Пунтие (2312) извлече реми против ВМ Евгениј Томашевски (2730).
Резултати од првото коло, мажи: Доминиканска Република - Русија 0,5-3,5; Украина - Ирак 4-0; Боливија - Ерменија 1-3; Унгарија - Киргистан 3-1; Јордан - САД 0-4; Кина - Замбија 3,5-0,5; Луксембург - Азербејџан 0-4; Франција - Зимбабве 4-0; Малезија - Холандија 1,5-2,5; Андора - Англија 0,5-3,5 итн. (Р.Д.)
|