29.08.2012, 12:19 „Ел класико“ за првиот пехар во Шпанија
Реал Мадрид и Барселона вечерва на „Сантијаго Бернабеу“ ќе го одиграат возвратниот натпревар од шпанскиот Супер Куп
Првиот пехар во новата фудбалска сезона во Шпанија ќе добие сопственик вечерва на „Сантијаго Бернабеу“, каде што Реал Мадрид и Барселона ќе го одиграат возвратниот натпревар од шпанскиот Супер Куп. Првиот дуел во каталонската престолнина заврши со победа од 3:2 на освојувачот на Копа дел Реј. Реал оттогаш долеа притисок и нервоза со поразот од 2:1 од соседот Хетафе, па ќе му биде дополнително тешко да го врати расположението и да ја анулира негативата од „Камп Ноу“.
„Тој натпревар треба што побргу да го заборавиме и да се сконцентрираме на наредниот. Следува Суперкупот, во кој ќе имаме идеална шанса да се прибереме и да ги заборавиме последните три меча“, изјави тренерот Жозе Мурињо по поразот од Хетафе, алудирајќи и на претходните два. „Кралевите“ немаат победа во новата сезона, во која одиграа без голови со Валенсија во првото коло, пред да загубат од Барселона и од Хетафе. Единствениот позитивен ветар во таборот е доаѓањето на Лука Модриќ и не е исклучено тој да дебитира вечерва. Единствената непознатица кај Реал е дали Пепе ќе се рехабилитира по потресот на мозокот во мечот со Валенсија.
Кај Барселона се' е на високо ниво по трите победи на стартот, а згора на тоа проработе и Меси со два гола против Осасуна викендот што помина. „Сезоната не можеше да почне подобро. Тимот е во одлична форма“, изјави Жерард Пике. Неизвесно е кој ќе му биде колега во одбраната вечерва, бидејќи Карлес Пујол доби скршеница на коска на лицето на мечот со Осасуна. Најверојатно ќе дебитира новото име во Барса, Алекс Сонг.
Натпреварот почнува во 22,30 часот.
|