29.08.2012, 15:41 СДСМ поднесе барање за интерпелација на претседателот на РKE
Игор Ивановски наведе дека Регулаторната комисија во услови на економска криза и сиромаштија одлучува спротивно на својата функција и интересите на граѓаните
СДСМ до Собранието на Република Македонија поднесе барање за интерпелација на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Димитар Петров, изјави денеска координаторот на пратеничката група Игор Ивановски.
Барањето за интерпелација е поднесено бидејќи, како што посочи Ивановски, Владата досега не се изјаснила за нивниот предлог за разрешување на претседателот и членовите на Комисијата. Обвини дека Регулаторната комисија во услови на економска криза и сиромаштија одлучува спротивно на својата функција и интересите на граѓаните, со што предизвика инфлаторна спирала, и поскапување храната, лебот, маслото и останатите основни животни продукти. Според него, сите одлуки на Комисијата се спорни почнувајќи од онаа за поскапување на струјата по втор пат годинава, за укинувањето на дневната евтина тарифа за струја, за неколкукратно зголемување на цените на бензините, како и донесувањето на правилникот за топлинска енергија.
- Со оглед на тоа што сме цврсто убедени дека партизираноста на Регулаторната комисија е една од причините за честите поскапувања на цените на струјата, бензините и парното, пратеничката група на СДСМ денеска во Собранието поднесе Интерпелација за работењето на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Димитар Петров, рече Ивановски.
Реакција на ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на Игор Ивановски од СДСМ
ВМРО-ДПМНЕ во писмената реакција eкспресно одговори на изјавата на Игор Ивановски од СДСМ за интерпелација на претседателот на Регулаторната комисија, во која се истакнува дека цената на нафтените деривати е директно поврзана со цената на енергенсите на светските пазари.
- Лага е дека цените на енергенсите зависат од ВМРО-ДПМНЕ. Регулирањето на нивната вредност не го прави Владата, туку независна комисија која ги следи ценовните вредности на светските берзи. Цената на нафтените деривати е директно поврзана со цената на енергенсите на светскиот пазар која драстично се зголемува. Македонија веќе 20 години опстојува во отворена економија и никако не може да биде исклучок од овој процес и да биде имуна на светските трендови, се вели во реакцијата. |