26.08.2012, 13:43 Ѓорѓиев: Владата функционира во полн состав и со полн капацитет
Граѓаните треба да бидат спокојни, бидејќи функциите на системот се извршуваат редовно, соопшти владиниот портпарол
Владата на Република Македонија функционира во полн состав и со полн капацитет во добра кондиција, а функциите на системот независно дали се економски, политички или општествени се извршуваат редовно и граѓаните треба да бидат спокојни, изјави портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев, одговарајќи на новинарско прашање.
Во врска со средбата на претседателот на Владата и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, портпаролот рече дека Владата официјално не коментира и не информира околу средбите на премиерот со кој било од лидерите на политичките партии што ја сочинуваат владината коалиција, а во поглед на вчерашната средба потврди дека информациите пласирани во јавноста ја отсликуваат рамката во која се движеле разговорите помеѓу Груевски и Ахмети.
Околу можностите за нова средба со кој било од лидерите на партиите во владината коалициија, рече дека нема детали кога временски би се одржала определена средба, но додаде дека е редовен принцип на функционирање на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ да остварува редовни средби со сите лидери на политичките партии кои ја сочинуваат владината коалиција и во рамки на тоа, особено и со претседателот на втората по големина партија во коалицијата, ДУИ, Али Ахмети. |